БРИСЕЛ (АА) – Министерот за одбрана на Република Турција, Хулуси Акар, изјави во Брисел дека причината за испраќањето додатни турски војници во Идлиб е воспоставувањето одржливо примирје во тој регион. Тој порача дека Турција ќе ги презема сите неопходни мерки и ќе користи сила против секој кој нема да го почитува примирјето во Идлиб, јавува Агенција Анадолија (АА).

Акар, кој престојува во Брисел по повод состанокот на министрите за одбрана на земјите членки на НАТО, одговараше на прашањата на новинарите во врска со актуелната ситуација во сириски Идлиб.

Тој потсети дека во рамките на состанокот на НАТО е одржана главна седница на која се разговараше за ова прашање, а тоа, според неговите зборови, e можност Турција да ги сподели своите ставови и очекувања со официјалните претставници на НАТО и министрите за одбрана на сојузничките земји.

Акар нагласи дека неговата земја работи на осигурување на примирјето, спречување на миграциите и запирање на пролевањето крв, и потсети дека режимот продолжува со нападите од воздух и копно, и покрај четирите прогласени примирја досега, а интензитетот на овие напади постепено расте.

Тој изјави дека нападите на режимот го зголемиле обемот на миграции и дека околу милион Сиријци биле принудени да ги напуштат своите домови и во тешки зимски услови да се упатат не кон регионите под контрола на режимот туку кон Турција, каде што се чувствуваат безбедно.

Акар истакна дека светот не смее да молчи на оваа хуманитарна трагедија и додаде:

„Испративме уште војници да го обезбедат примирјето и да го направат трајно, ќе го контролираме тоа подрачје. Ќе користиме сила против сите оние кои не го почитуваат примирјето, вклучувајќи ги и радикалите. Ќе ги преземеме сите потребни мерки. Причината за јакнење на нашето присуство и испраќањето додатен контигент војници е воспоставувањето одржливо примирје“, наведе Акар.