БРИСЕЛ (АА) – Министрите за одбрана на земјите членки на НАТО се согласија да преземат одбранбени мерки против руското прекршување на Договорот за нуклеарни сили со среден дострел (INF), соопшти генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг, јавува Агенција Анадолија (АА).

„Застанавме обединети во врска со кршењето на договорот од страна на Русија“, изјави Столтенберг по денешниот состанок на министрите за одбрана на земјите членки на НАТО.

„Но, НАТО“, додаде тој, нема намера „да се огледува со она што го прави Русија со распоредувањето копнени ракети во Европа, бидејќи новата трка за вооружување би била опасна и скапа“.

Потпишан во 1987 година, Договорот за нуклеарни сили со среден дострел (INF) претставуваше темелник на европската безбедност во периодот по Студената војна. Договорот им забрани на САД и Русија да поседуваат и тестираат ракети лансирани од копно со дострел од 482 до 5.000 километри.

Во октомври 2018 година, американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека Соединетите Американски Држави (САД) ќе излезат од договорот, обвинувајќи ја Москва за негово кршење.

Реципрочно, рускиот претседател Владимир Путин на 3 јули 2019 година потпиша закон за суспендирање на обврските на Москва во однос на Договорот.

Столтенберг истакна дека воената алијанса имала желба да ги развие конвенционалните можности и ракетните одбранбени системи воздух-воздух, како и повторно воспоставување на ефикасен режим за контрола на оружјето.

Официјалните претставници исто така разговараа и за посветеноста на сојузниците кон подеднаквото споделување на трошоците за одбрана.

„Сведоци сме на невиден пораст на трошоците за одбрана … 400 милијарди долари ќе бидат потрошени до 2024 година“, рече челникот на НАТО.

Пред состанокот, министрите за одбрана на земјите членки на НАТО имаа работен појадок со својот украински колега Андриј Захороднук. Киев го замоли НАТО да ѝ додели на Украина статус на учесник во програмата за Партнерството за проширена можност.