Голем број бегалци од разни делови на Сирија, бегајќи од нападите на силите на режимот на Асад и нивните сојузници, засолниште најдоа во „Карама“, еден од камповите во регионот на Идлиб, недалеку од границата со Турција. Успеаја да се засолнат од гранатите, но во тек е нивната тешка борба со зимата, пишува Агенција Анадолија (АА).

Екипата на АА го посети бегалскиот камп каде што во многу тешки услови престојуваат семејства кои избегаа од бројни сириски градови. Тешкиот живот во камповите особено го отежнаа зимскиот период и температурите кои во текот на ноќта паѓаат далеку под нулата. Секој се снаоѓа на свој начин за во текот на ноќта да успее да се стопли, а некои немаат да се стоплат со ништо, поради што ја палат својата облека. Сите во овој камп сонуваат за денот кога конечно ќе се вратат во своите домови.

Зехра Шеик живеела во местото Кефренбуде, на северот на градот Хама, а била приморана да го напушти пред контролата на тоа подрачје да ја преземат силите на Асадовиот режим. Засолниште нашла во кампот „Карама“.

Таа вели дека животот во кампот е многу тежок, особено во текот на зимскиот период кога температурите се многу ниски.

„Во шаторот сме пет лица. Сите сме болни. Имаме само едно ќебе. Најголем проблем е студеното време. Немаме огрев, во текот на ноќта сме приморани да ја запалиме нашата облека за да можеме да се стоплиме“, раскажува Шеик.

Додаде дека во нејзиниот шатор примила уште едно семејство.

„Колку повеќе нѐ има во шаторот, потопло ни е. Но и покрај тоа, времето е ладно. Снегот паѓа, во наредните денови се очекува повеќе снег. Сакам да се вратам во моето село“, порачува таа.

Во кампот престојува и Ахмет Џума. Вели дека не знаат што да прават за да го надминат проблемот со студеното време.

„Навистина овие луѓе се во тешка ситуација. Има голем број болни поради студеното време и ниските температури. Пристигнуваат нови бегалци. И тука ги слушаме звуците на бомбардирањето. Тешко е“, рече Џума.

Истакнува дека температурите во текот на ноќта паѓаат и до 8 степени под нулата и дека во наредните денови би можеле да бидат и пониски. Вели дека некој се грее палејќи ја сопствената облека, а некои палат и гуми од автомобили.

На крајот додава дека желба на секого од нив во кампот е сиве овие тешки денови да се завршат и да се вратат во своите домови.