МИНХЕН (АА) – Германија ја повика Русија да го искористи своето влијание врз сирискиот режим и да ја запре неговата офанзива во северозападна Сирија, пренесува Агенција Анадолија (АА).

„Овие напади мора да се запрат“, изјави германскиот министер за надворешни работи, Хеико Мас, во ексклузивно интервју за германскиот дневен весник „Зидојче цајтунг“ (Suddeutsche Zeitung).

„Сведоци сме на уште една драматична ескалација на ситуацијата во Идлиб која достигнува ниво на хуманитарна катастрофа“, предупреди тој.

Речиси 1,5 милион Сиријци пребегаа во близина на турската граница поради интензивните напади во текот на изминатите месеци, предизвикувајќи стравувања од нов прилив на бегалци кон Европа.

Германскиот министер за надворешни работи за време на последниот разговор со неговиот руски колега Сергеј Лавров, изјави дека ја пренел загриженоста и очекувањата на неговата влада.

„Асад не се грижи за смртта на ранливите луѓе на суров начин. Русија мора да го искористи своето влијание врз режимот“, истакна тој.

Мас ги даде неговите забелешки пред Конференцијата за безбедност која ќе биде одржана во Минхен од 14 до 16 февруари, а која претставува најголемата безбедносна конференција на која ќе учествуваат политички и воени лидери од целиот свет.

Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, американскиот државен секретар Мајк Помпео и рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, се меѓу високите официјални претставници кои се очекува да присуствуваат на Конференцијата.

Северозападната сириска покраина Идлиб од самиот почеток на граѓанската војна во земјата е упориште на сириската опозиција.

Во моментов, популацијата на Идлиб, со внатрешната миграција достигна 4 милиони луѓе. Од март 2015 година се наоѓа под контрола на опозицијата. Идлиб е место кое е најмногу напаѓано од страна на режимот.

Турција, Русија и Иран, на состанокот одржан во Астана на 4-5 мај 2017 година, ги прогласија Идлиб и околината за зона без судири. Турција и Русија, како резултат на кршењето на Договорот за прекин на огнот од страна на режимските сили, постигнаа дополнителен договор за таа област.

Од потпишувањето на Договорот меѓу Русија и Турција на 17 септември 2018 година, до овој момент, од нападите на режимот и Русија во деескалациската зона Идлиб животот го загубија над 1.800 цивили.