СКОПЈЕ (АА) – Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска во Минхен, на маргините на 56. Минхенска безбедносна конференција, оствари билатерални средби со премиерот на Канада, Џастин Трудо, со претседателот на Литванија, Гитанас Науседа, и со претседателот на Молдавија, Игор Додон, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Ова преку писмено соопштение го потврдија од Кабинетот на Пендаровски.

На средбата на Пендаровски со премиерот на Канада, Трудо, било изразено задоволство од традиционално добрата соработка меѓу двете земји, заснована на заеднички вредности и партнерство.

„На средбата, заблагодарувајќи се за постојаната канадска поддршка за нашите евроатлантски интеграции, претседателот Пендаровски го нагласи интересот на Република Северна Македонија за јакнење на политичката и на економската соработка во областите од заемен интерес. Претседателот Пендаровски нагласи дека членството на Северна Македонија во НАТО ќе придонесе за безбедност, стабилност и просперитет на целиот регион и се заблагодари за ратификацијата на Протоколот за членство од страна на канадскиот Парламент“, се вели во соопштението.

Се нагласува дека на средбата било изразено задоволство од соработката и успешниот дијалог меѓу двата парламента, што резултираше со основање на Парламентарна група за пријателство.

На средбата на Пендаровски со претседателот на Литванија, Науседа, било констатирано дека односите меѓу Северна Македонија и Литванија се традиционално добри и пријателски, со континуиран политички дијалог.

„Претседателот Пендаровски се заблагодари за досегашната поддршка од Литванија во однос на европската интеграција на Република Северна Македонија и изрази надеж дека истата ќе продолжи и во иднина. Претседателот подвлече дека за нас е клучно што поскоро државите членки на ЕУ да се усогласат за новата методологија за преговарање и нашата држава да добие датум за почеток на преговорите за време на хрватското претседателство со Европската Унија“, се наведува од Кабинетот.

Се истакнува дека на средбата била изразена подготвеност за развој на економската соработка, како и за унапредување на договорната рамка меѓу двете држави.

На средбата со претседателот на Молдавија, Додон, се разменети мислења за севкупните билатерални односи, при што е констатирано дека повеќе од две децении двете држави негуваат пријателски односи и меѓусебно почитување.

„Двајцата соговорници оценија дека е потребен континуиран политички дијалог со заемни заложби за понатамошно унапредување на соработката на билатерален и мултилатерален план преку размена на официјални и работни посети на високо ниво. На средбата беше разговарано и за актуелните случувања во двете земји, при што беа истакнати приоритетите на двете земји за интензивирање на економските врски преку склучување на меѓувладини договори и комисии за економска соработка“, се додава во соопштението на Кабинетот на претседателот.

Се нагласува дека Пендаровски го истакнал и интересот на Северна Македонија за продлабочување и интензивирање на соработката во рамки на регионалните иницијативи.