Режимот на Башар ал Асад и Русија изведоа напади врз населените места што се наоѓаат во деескалационата зона во Идлиб. Во нападот животот го загубија 8 лица, јавува Агенција Анадолија (АА).

Опсерваторијата на опозицијата за набљудување на летови информираше дека руски авиони извршиле интензивни воздушни напади врз населените места Мараат Атариб, Етариб, Кефер Наха, Ебзимо, Урим ел Кубра, Куптан ел-Џебел во руралните делови западно од Алепо и во Ериха во подрачјето на Идлиб.

Силите на режимот изведоа топовско гранатирање на местата Етариб и Куптан ел-Џебел.

Во рускиот воздушен напад врз селото Мараат Атариб животот го загубија 5 цивили, а во топовското гранатирање, изведено од страна на силите на режимот во Етариб, загинаа 2, а во Куптан ел-Џебел 1 цивил.

– Не се однесуваат во согласност со договорите од Астана и Сочи

Северозападната сириска покраина Идлиб од самиот почеток на граѓанската војна е упориште на опозицијата. Во моментов, популацијата на Идлиб со внатрешната миграција достигна 4 милиони луѓе. Од март 2015 се наоѓа под контрола на опозицијата. Идлиб е место кое најмногу е напаѓано од страна на режимот.

На состанокот во Астана што се одржа на 4-5 мај 2017 година, на којшто учествуваа Турција, Русија и Иран, формирани се четири деескалациски зони, Идлиб и околните области (Латакија, Хама и Алепо), северното подрачје на Хомс, подрачјето на Источна Гута во главниот град Дамаск и подрачјата во јужниот дел на земјата (Дера и Кунејтра). Но режимот и терористите поддржани од Иран, и покрај одлуката за прекин на огнот, благодарение на руската поддршка од воздух, од четирите зони, освен Идлиб, ги зазедоа сите територии.

Во септември 2018 година, кога силите на режимот ги интензивираа воените активности, Турција и Русија на 17 септември 2018 година во Сочи постигнаа дополнителен договор со цел зацврстување на примирјето. Кус период владееше примирје, а силите на режимот во мај 2019 година започнаа копнена операција со цел потполно заземање на целиот регион. Министерот за одбрана на Турција, Хулуси Акар, на 10 мај 2019 година изјави дека поради зголемените напади од страна на режимските елементи јужно од Идлиб, вооружените притисоци започнати на 6 мај преминале во копнена операција.

Од тој период наваму, силите на режимот и неговите поддржувачи преку артилериски и воздушни напади ги зазедоа големите градови Кефренбуде, Хан Шејхун, Мараатинуман, Серакиб и голем број населени места во јужните и југоисточните предели на Идлиб, северните и источните рурални предели на Хама, во јужните и западните рурални предели на Алепо.

Од потпишувањето на Договорот меѓу Русија и Турција во Сочи досега, во нападите на режимот и Русија во деескалациската зона во Идлиб животот го загубија над 1.800 цивили. Од јануари 2019 година наваму, бројот на мигранти што избегаа од местата на кои се спроведуваат интензивни напади кон релативно побезбедни места во близина на границата со Турција се зголеми на 1 милион 794 илјади.