Турското обвинителство подигна обвинение против припадниците на терористичката организација ФЕТО инфилтрирани во полициските и правосудните институции на Република Турција, кои се поврзани со случајот „Завера против МИТ 7 февруари од 2012 година“, во рамките на кои се сослушани и е издаден налог за апсење на службениците на Разузнавачката служба на Република Турција (МИТ), меѓу кои и на шефот на МИТ, Хакан Фидан, јавува Агенција Анадолија (АА).

Обвинителството ја заврши истрагата за овој случај, а подигнатото обвинение опфаќа 34 лица, меѓу кои и водачот на терористичката организација ФЕТО, Фетула Ѓулен, водачите на ФЕТО инфилтрирани во судството, полицијата, во МИТ, т.н. имами, и поранешни шефови на полицијата и новинари.

Во обвинението е истакнато дека ФЕТО/ПДЈ извршила повеќе нелегални работи преку своите припадници инфилтрирани во јавните институции и управата.

Се наведува дека припадниците на ФЕТО инфилтрирани во полицијата и судството вршеле низа противзаконски работи и кривични дела, меѓу кои се шпионирање на политичарите и воените лица, прислушување тајни состаноци, вршење на шпионирање со пребарување на хуманитарните камиони на МИТ, незаконско поседување и објавување приватни податоци, правење архиви за потребите на организацијата, објавување аудиоснимки заради уценување, вршење закани, притисоци, присилувања, клеветење и започнување судски постапки врз основа на лажни докази.

Во обвинението се наведува дека терористичката организација ФЕТО, во периодот пред обидот за пуч во Турција на 15 јули 2016 година, за да ја оствари својата крајна цел, со Владата на Република Турција влегла во борба за превласт.

„Првите чекори на ФЕТО за остварување на нејзината цел беа познати со случаите на завера, односно монтираните истраги како што се „Ергенекон“, „Бајлоз“, „Појразкој“, „воена шпионажа во Измир“, „Тахсија“, „Селам Тевхид“, „камиони на МИТ“ и „17-25 декември“. Случајот „7 февруари“ од 2012 година, односно сослушувањето на шефот на МИТ, Хакан Фидан, е показател дека терористичката организација ФЕТО одлучила да ги забрза своите активности. „Истрагата против МИТ“ се покажа всушност како обид за рушење на Владата на Република Турција“, се наведува во обвинението.

ФЕТО со наместената истрага се обиде да го прикаже МИТ како „служба која дејствува во координација со терористите на ПКК“, а крајна цел на ваквата завера беше да се преземе контролата над МИТ, додека, од друга страна, цел на истата истрага беше да се запре процесот на решавањето на „прашањето за тероризмот“, што Владата на Турција веќе го започна.

Се наведува, исто така, дека за вкупно 15 осомничени лица, меѓу кои и за лидерот на терористичката организација, Фетула Ѓулен, за Четин Озгур, т.н. имам на ФЕТО во полициските структури, за имамот во судските институции Илјас Шахин, и за поранешните шефови на полицијата, се бара по една казна доживотен отежнат затвор и затворски казни во траење од 26 до 53 години затвор.

Осомничените во случајот се поврзуваат со тоа дека сториле кривични дела „обид за рушење на Владата на Република Турција или оневозможување на нејзината работа“, „формирање и управување со вооружена терористичка организација“, „користење тајни владини податоци со цел шпионирање на политичките и воени лица“, „повреда на доверливоста“ и „фалсификување на документи“.

ФЕТО е терористичка организација предводена од Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави (САД), за кого Турција официјално побара испорачување од САД.

Припадниците на таа терористичка организација, со години, преку местење на испитите напредуваа во службата, инфилтрирајќи се на тој начин во институциите на државата. Потоа, најпрвин во декември 2013 година, членовите на ФЕТО во турското правосудство со монтиран процес за наводна корупција се обидоа да процесуираат голем број високи функционери.

Неколку години подоцна следуваше и крвав обид за соборување на избраната власт, односно обид за државен удар што го изведоа офицерите кои ФЕТО ги инфилтрираше во турската војска.

Истрагата за терористичката организација ФЕТО покажа дека станува збор за глобална мрежа којашто не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја друга земја во која е активна. На тоа во повеќе наврати укажуваа турските официјални лица. Во текот на обидот за државен удар во Турција животот го загубија 251, а беа повредени околу 2.200 лица.