ЛОНДОН (AA) – Европската фудбалска федерација (УЕФА) објави дека Манчестер Сити е казнет со две години неиграње во Лигата на шампионите, јавува Агенција Анадолија (АА).

Манчестер Сити ќе биде исклучен од учество во клупските натпреварувања на УЕФА во следните две сезони, 2020/2021 и 2021/2022. Освен тоа, Манчестер Сити ќе мора да плати казна од 30 милиони евра. Судскиот совет за финансиска контрола на клубовите (CFCB) донесе одлука дека Сити извршил сериозни повреди на финансиските правила на УЕФА.

Сепак, како што тврди британски „Индепендент“, казната што им ја изрече УЕФА би можела да биде и многу потешка.

Имено, Сити би можел да има проблеми и во Премиершип, го потврдија тоа за „Индепендент“ извори од европскиот фудбалски врв.

Судскиот совет, разгледувајќи ги сите докази, утврди дека Манчестер Сити извршил сериозни повреди на правилникот на УЕФА за лиценцирање и ферплеј, преценувајќи ги своите спонзорски приходи на своите сметки и во информациите што ѝ се достапни на УЕФА помеѓу 2012 и 2016 година.

Ако тоа се случувало кога е во прашање Лигата на шампионите, тогаш е можно да се случувало и кога е во прашање Премиершипот.

Манчестер Сити сега има право на жалба на Меѓународниот суд за спорт.