АНКАРА (АА) – Постојат тврдења дека иранскиот генерал Касим Сулејмани, кусо пред неговото убиство од страна на американските воени сили, организирал средби меѓу Иран и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и Саудиска Арабија, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Американскиот весник „Њујорк тајмс“ („New York Times“) објави дека ОАЕ во септември 2019 година, без знаење на администрацијата на САД, имале тајна средба со Иран, додавајќи дека средбата била организирана од страна на генерал Сулејмани, кој беше убиен на почетокот од јануари.

Американските сојузници во Заливот, особено откако Џон Болтон, советникот на американската национална безбедност познат по својот антиирански став, беше разрешен од страна на претседателот Доналд Трамп во септември 2019 и по избегнувањето на воениот конфликт меѓу Вашингтон и Иран по нападите врз нафтените постројки на Саудиска Арабија, започнаа да се сомневаат во политиката за „максимален притисок“ на администрацијата на Трамп кон оваа земја.

По ова, ОАЕ без одобрување од САД започнале тајни средби со Иран. На крајот од септември минатата година во Абу Даби, главниот град на ОАЕ, високи претставници на Иран и ОАЕ започнале средби со цел намалување на тензиите во регионот.

„Њујорк тајмс“ пишува дека во исто време слични средби со посредство на Ирак и Пакистан се одржале меѓу Иран и Саудиска Арабија, додавајќи дека споменатите средби се организирани од страна на иранскиот генерал Сулејмани, кој на 3 јануари беше убиен на аеродромот во Багдад во американски напад.

– „САД и Израел ги загрижија средбите на Иран со американските сојузници во Заливот“ –

Откако дозна дека ОАЕ, кои заедно со САД делуваат против Иран, започнале средби со Техеран, кај администрацијата во Вашингтон се појави загриженост дека тоа би можело да доведе до пропаѓање на политиката за „максимален притисок“ врз Иран.

Врз база на разузнавачки информации, „Њујорк тајмс“ пишува дека ова прашање е донесено на дневен ред при посетата на Израел од страна на американскиот државен секретар, Мајк Помпео, и неговата средба со претседателот на разузнавачкиот сервис „Мосад“, Јоси Коен. Во текстот се вели дека Коен на Помпео ја изразил загриженоста од распаѓањето на коалицијата против Иран.

Поранешниот командант на елитната единица „Силите на Ерусалим“ при Иранската револуционерна гарда, генерал Касим Сулејмани, е познат како име кое се наоѓаше на чело на воено-разузнавачките операции на територијата на Иран. Сулејмани, заменик-командантот на силите „Хашди Шаби“, Абу Мехди ал Мухандис, и уште други 8 лица на 3 јануари беа убиени во напад на американските воени сили.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, имаше соопштено дека Сулејмани е убиен бидејќи планирал напади врз 4 американски амбасади во регионот, но Марк Еспер, американскиот секетар за одбрана, изјави дека за таа тема нема дефинитивни информации.

Премиерот на Иран, Адил Абдулмехди, соопштувајќи дека од Сулејмани добил порака што требало да ја пренесе на Саудиска Арабија, изјави: „Истото утро кога беше убиен требаше да се состанам со него. Носев порака од Саудиска Арабија за Иран, која требаше да му ја предадам.“