МИНХЕН (AA) – Турција нема да дозволи да продолжи масакрот врз луѓето во Идлиб, Сирија, изјави турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, јавува Агенција Анадолија (АА).

„Минатата седмица е нападната и нашата војска. Претрпевме загуби. Се осветивме и ќе продолжиме да го правиме тоа“, рече Чавушоглу на настанот насловен „Можности на турската надворешна политика“ на Минхенската безбедносна конференција, и додаде:

„Очекуваме дека нашите сојузници и партнери ќе соработуваат со нас и ќе вршат максимален притисок врз режимот и неговите приврзаници да ја запрат агресијата.“

На почетокот на оваа седмица пет турски војници загинаа, а пет се ранети во нападот на силите на Асад во Идлиб. Во сличен напад претходната седмица загинаа осум турски војници и еден цивил.

Турција оттогаш се освети за двата напада, погодувајќи низа позиции и неутрализирајќи над 200 припадници на силите лојални на режимот на Башар ал Асад.

Турција и Русија во септември 2018 година договорија Идлиб да го претворат во зона за деескалација во која актите на агресија се забранети. Меѓутоа, силите на Асадовиот режим и нивните сојузници ги кршеа условите на примирјето, изведувајќи чести напади во рамките на зоната, при што од склучувањето на договорот се убиени најмалку 1.800 цивили.

Поради интензивните напади во текот на минатата година повеќе од 1,7 милиони Сиријци се доселија близу турската граница.