СКОПЈЕ (АА) – Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска во Минхен, на маргините на 56. Минхенска безбедносна конференција, оствари билатерална средба со премиерот на Република Косово, Албин Курти, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Како што соопштија од Кабинетот на претседателот Пендаровски, на средбата со премиерот на Република Косово, Албин Курти, претседателот Пендаровски упатил честитки за успешно реализираните парламентарни избори и за изборот на новата Влада во Косово, предводена од премиерот Курти.

Претседателот Пендаровски истакнал дека Северна Македонија очекува со новата Влада на Република Косово да ја зацврсти билатералната соработка во сите области од заеднички интерес, подвлекувајќи дека на тој начин ќе се продлабочат добрососедските односи кои придонесуваат за напредокот, стабилноста и безбедноста на регионот.

„Претседателот Пендаровски нагласи дека Косово е еден од најзначајните трговски партнери на Северна Македонија при што трговската размена се одвива слободно без царини и придонесува за развој на економиите на двете соседни држави. За продолжување на овој позитивен тренд, претседателот Пендаровски изрази интерес за одржување на четврта седница на Мешовитиот комитет за економска соработка во периодот што следи“, се вели во соопштението.

Се додава и дека на средбата се разговарало и за идни заеднички иницијативи како дел од регионалната соработка.

Според соопштението, на маргините на 56. Минхенска безбедносна конференција претседателот Пендаровски се состанал и со премиерот на Ерменија, Никол Пашиниан.