Струшкото обвинителство поднело предлог до Основниот суд во Струга за издавање на казнен налог против едно лице заради непостапување според здравствените прописи за време на епидемија. Тој со камион дошол од Данска и наместо да биде во 14 дневна самоизолација заминал Албанија, па се вратил.

„Обвинетиот 36-годишен жител на струшкото село Драслајца, на 16 март со камион пристигнал на граничниот премин Табановце и пријавил дека патувал од Данска како земја со среден ризик за зараза со вирусот COVID 19. На граничниот премин бил запознаен со определените мерки за сузбивање и спречување на внесување и ширење на вирусот и потпишал изјава за задолжителна самоизолација во период од 14 дена во неговиот дом. Но, уште истиот ден се јавил за излез кон Албанија на граничниот премин Ќафасан. Ја преминал границата и повторно се вратил во државава истиот ден преку истиот граничен премин. На 18 март повторно не бил затекнат во домот од страна на припадниците на МВР-ОВР Струга кои вршеле проверка дали обвинетиот ги почитува прописите и задолжителната самоизолација“, соопшти обвинителството.

Кумановската полиција поднесе две кривични пријави до обвинителството поради непочитување на мерките и препораките на Владата за заштита од коронавирусот, соопшти утрово МВР.

Една кривична е за 67-годишен кумановец. Тој на 17 март авионски пристигнал во земјава од Белгија која, според листата на СЗО, е ризична земја. Потпишал изјава дека ќе се стави во самоизолација 14 дена, но наредниот ден полицијата не го затекнала дома.

Втората кривична пријава е за сопственик на ресторан во Куманово кој не ја почитувал наредбата да се затворат угостителските објекти и да не примаат гости. Полицијата при контрола на неговиот локал „Олимписко дерби“ затекнала дека е отворен и во него имало две лица кои биле служени со пијалаци.