На подрачјето на седум општини што ги покрива СВР Охрид, изминатово деноноќие во периодот од 21.00 до 06.00 часот, кога на сила стапи ограничувањето на движењето на граѓаните, безбедносната состојба е стабилна. Полициски службеници вршеа мото-патроли низ градските средини и приградските населби, со цел доследно спроведување на мерките за ограничено движење за време на полицискиот час и заштита на граѓаните од ширење на коронавирус COVID-19.

Притоа, не се регистрирани собирања на граѓани на јавни места, нема нарушувања на јавниот ред и мир и нема регистрирани сообраќајни незгоди. Во Охрид е регистрирано едно казнено дело „тешка кражба“, извршена во 03.30 часот во маркет на ул.„7 Ноември“, како и една „тешка кражба“ извршена во киоск на ул.„8 Септември“ во општината Дебар, каде е прогласена кризна состојба. Се преземаат мерки за реализација и пронаоѓање на сторителите.

Непречено се реализираат активностите кон лица што се ставени под мерки за самоизолација, здравствен надзор и домашна изолација. Моментно, СВР Охрид, по основ на своерачно потпишана изјава за самоизолација и по мерката „здравствен надзор и домашна изолација“, врши контрола на вкупно 549 лица (Охрид-149, Струга 137, Кичево-99 и Дебар-164). Во општините Дебар и Центар Жупа без проблеми се реализираат мерките за контрола при влез на патнички и други моторни возила, како и активностите за дотурот на храна, лекови, средства за лична хигиена и други потреби за граѓаните во двете општини. Сите правни лица кои вршат дотур треба да се најават во Кризниот штаб на фиксниот телефон 046/831 051 по што, нивните возила со полициска придружба ќе бидат спроведени до соодветните трговски објекти. Потсетуваме дека влезот е дозволен само на лица кои се жители на општините, а истовремено е оневозможен, односно строго е забранет излезот на сите граѓани затекнати на подрачјето на двете општини.

Упатуваме апел до граѓаните, строго да ја почитуваат одлука на Владата за забрана на движењето од 21.00 до 06.00 часот секој ден, како и дисциплинирано да се придржуваат до сите останати препорачани мерки и насоки во врска со спречувањето на ширењето на корона вирусот (COVID-19), а сите правни и физички лица строго да се придржуваат до насоките на полициските службеници. Граѓаните, на бесплатниот телефонски број 08 0000 201 или на 192, можат да ги пријавуваат сите случаи на лица кои ги прекршуваат одредбите за задолжителна 14-дневна самоизолација. Сите оние кои ги прекршуваат дадените препораки, ќе бидат санкционирани согласно член 205 и 206 од Кривичниот законик.