СКОПЈЕ (АА) – Техничкиот премиер на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски, истакна дека Советот за општи работи на Европската Унија (ЕУ) постигнал согласност дека Северна Македонија треба да ги започне преговорите со ЕУ во најкраток можен рок, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Денес во Медија центарот на Владата, по повод политичкиот договор на земјите од Европската Унија (ЕУ) да започнат преговори за членство на Северна Македонија во Унијата, заедничка прес-конференција одржаа премиерот Оливер Спасовски, вицепремиерот Бујар Османи и министерот за надворешни работи, Никола Димитров.

„Република Северна Македонија ги започнува преговорите за членство во Европската Унија“, рече Спасовски, додавајќи дека оваа убава и долгоочекувана вест доаѓа во еден исклучително тежок период за државата, за Европа и за целиот свет, кој се бори со коронавирусот.

„Советот за општи работи на Европската Унија се согласи дека нашата држава треба во најбрз можен рок да ги започне преговорите за членство во Европската Унија (ЕУ)“, нагласи Спасовски, додавајќи дека стигнала верификацијата за успехот на напорите, истрајноста, капацитетите и политичката волја на институциите на Северна Македонија.

„Денешното признание за подвигот на нашата држава“, како што рече Спасовски, „е резултат на тешките политички одлуки што ги донесе Владата и владејачкото мнозинство и политичкото мнозинство во Собранието за решавање на долгогодишните спорови со нашите соседи, Грција и Бугарија.“

Заблагодарувајќи ѝ се на Европската Унија што ги отвори вратите за полноправно членство на Северна Македонија во Унијата, премиерот Спасовски рече дека граѓаните на Северна Македонија и институциите оваа шанса цврсто ќе ја зграпчат и максимално ќе ја искористат.

Тој додаде дека овој успех е крај на чекањето на Северна Македонија од 15 години, откако беше добиен кандидатскиот статус за членство во Европската Унија.

Техничкиот премиер, исто така, им се заблагодари и на институциите на ЕУ и на државите членки, како што рече, за исправната улога којашто денес ја усогласиле.

Вицепремиерот Бујар Османи, потсетувајќи дека Северна Македонија изминала долг, напорен и тежок пат за започнување на преговорите за членство во Европската Унија, рече дека од денес Северна Македонија влегува во последната фаза од остварувањето на сонот од својата независност.

„Да немаме никакви дилеми, успеавме затоа што заслуживме. Денешната одлука на земјите членки да ѝ дадат зелено светло на Република Северна Македонија за почеток на преговорите не претставува никаков подарок, ниту чиста политичка одлука, напротив ова е одлука за суштинскиот напредок на земјата“, нагласи Османи.

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, истакна дека и покрај вонредните околности предизвикани од ситуацијата со коронавирусот особено го ценат тоа што Европската Унија нашла време и волја веродостојно да оддаде признание за досега сработеното.

„Од сега натаму и ние ќе имаме почетна точка од која ќе го мериме времето, од кога започнуваме позитивен натпревар со останатите во спроведувањето на реформите и во освојувањето на европските стандарди“, нагласи Димитров.