Палестинската ослободителна организација (ПЛО) изјави дека Израел веќе има заземено 95 % од Јорданската Долина на окупираниот Западен Брег, што администрацијата од Тел Авив планира да го анектира, јавува Агенција Анадолија (АА).

Генералниот секретар на Извршниот совет на ПЛО, Саиб Урејкат, објави писмено соопштение во кое истакнува дека Израел започнал со интензивна изградба на еврејски населби во подрачјето на Мртвото Море и Јорданската Долина, додавајќи дека новонастанатата состојба е јасен показател дека Израел започнал со имплементирање на планот за анексија на подрачјето.

Урејкат, посочувајќи дека приближно 55.000 Палестинци живеат на 5 % од површината на Јорданската Долина, додека 12.700 еврејски доселеници живеат на преостанатиот простор, во писменото соопштение наведува: „Израел има заземено 95 % од Јорданската Долина.“

Урејкат вели дека Израел во 2019 година изградил 4 еврејски населби, додавајќи дека во населбите што од претходно се наоѓаат во подрачјето дополнително се изградени 110 нови станови.

Покрај тоа, генералниот секретар на Извршниот совет на ПЛО истакна дека Израел „краде“ 94 % од водите што во Јорданската Долина им припаѓаат на Палестинците.

Како што претходно имаше изјавено претседателот на САД, Доналд Трамп, во рамките на таканаречениот мировен план за Блискиот Исток на 24 февруари требаше да се одржи првиот состанок на Израелско – американскиот комитет, на кој требаше да бидат разгледани мапите на окупираните области на Западниот Брег што треба да бидат анектирани од страна на Израел.

Израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, претходно имаше изјавено дека територијата на Западниот Брег, која ја именуваше како Јахуда и Самара, ќе ја претвори во неделив дел на израелската држава.

На 28 јануари претседателот на САД, Доналд Трамп, во Белата куќа одржа заедничка прес-конференција со израелскиот премиер Нетанјаху, на која пред светската јавност го претстави таканаречениот мировен план за Блискиот Исток.

Anadolu