Се очекува светската економија во 2020 година да биде во пад за 0,5 отсто како последица на негативното влијание на коронавирусот, објави синоќа „Мудис“, американската агенција за кредитен рејтинг, пренесува Агенција Анадолија (АА).

„Претходната прогноза на агенцијата во ноември 2019 година, за оваа година изнесуваше раст за 2,6 отсто“, се наведува во соопштението. Меѓутоа, агенцијата наведува дека во 2021 година се очекува глобалната економија да се зголеми за 3,2 отсто.

Во соопштението се наведува дека иако централните банки реагирале брзо, нестабилноста на финансискиот сектор експлодирала на нивоа последен пат видени за време на глобалната финансиска криза во 2018 година.

„Притисокот на финансискиот пазар е одраз на длабоката анксиозност и несигурност околу вистинските економски трошоци кои ќе ги сносат домаќинствата и компаниите низ светот“, се вели во соопштението, во кое се додава дека загубата на работни места ќе се зголеми на глобално ниво во текот на наредните неколку месеци.

Агенцијата „Мудис“ за напредните економии прогнозира негативен тренд од 2 отсто во 2020 година, а позитивен од 1,9 отсто за земјите во развој. Истовремено се очекува пад од 2,2 отсто за еврозоната.

Агенцијата која очекува негативна стапка на раст во 2020 година за речиси сите земји од Г-20, прогнозира дека турската економија ќе се намали за 1,4 отсто во 2020 година и ќе се зголеми за 0,8 отсто во 2021 година.

Вирусот што за првпат се појави во Вухан, Кина, во декември минатата година, се прошири во најмалку 190 земји и региони низ светот, додека бројот на детектирани случаи на заразени со новиот тип коронавирус изнесува 471.000. Од последиците предизвикани од овој вирус починаа над 21.000 лица.

Anadolu