Во буџетот годинава ќе останат непокриени или ќе недостасуваат околу 1,3 милијарди евра и затоа тој товар мора да го споделиме сите, изјави денеска претседателот на СДСМ, Зоран Заев, кој ги повика граѓаните на разбирање во овие вонредни услови што и се закануваат на макодонската економија.

Тие, според него, треба да знаат дека очекувањата на наплатата на приходите во овие моменти на криза се помеѓу 30 и 40 проценти, а тоа значи дека 60% од очекуваните даноци во буџетот ќе недостасуваат.

„Ќе надокнадиме 30% ако обезбедиме кредити во износ повеќе од 1,2 милијарди евра, а во моментот на пазарот на кредити ни се нуди не повеќе од 600 милиони евра. Еве и да ги обезбедиме тие милијарда и двеста милиони евра од кредити, но за да ги обезбедиме останатите 30% проценти, мора да кратиме, мора да штедиме. Сите ставки и непродуктивни трошења што гледам дека министерството за финансии веќе ги скратува се некаде околу 7 милијарди денари, но тоа не е доволно. Тие 30% кои сепак остануваат непокриени се околу 1,3 милијарди евра и тие мора да ги понесеме заедно сите. Колку побрзо го сфатиме тоа, толку поуспешно ќе се справиме со кризата“, рече Заев.

Одговарајќи, пак, на прашање во интервју во дневникот на телевизија Сител зборуваше и за предлог мерките кои ги понуди опозицијата со цел полесно да се надмине економската криза во државата. Ја коментираше мерката со откуп на благајничките записи.

„Прво мора да имате државни девизни резерви, затоа што ако ги немате нема никој да ви даде кредит, тие се своевидна гаранција, и ние таа гаранција ја даваме со потпис на министерот за финансии. Комерцијалните банки имаат запишано 400 милиони евра преку благајнички записи. Народната банка ако има потреба ќе ги откупи тие благајнички записи  и ќе ги пушти кон банките за да ја зголеми ликвидноста, но банките имаат слободни пари и затоа ние не земаме кредити од домашните банки. Ако им се загрози функцијата на банките, тогаш ќе се примени оваа мерка со благајничките записи, но за тоа ќе каже гувернерката на Народната банка“, рече Заев.

Тој се осврна и на предлогот на Христијан Мицкоски, дека платите треба да се намалат до 50 отсто од просечната плата, што би значело дека би изнесувала 12.500 денари, но дека со предлозите на СДСМ таму се одредува минимална плата од 14.500.

„Мицкоски предлага кратање, а кога ние предлагаме кратење не му се допаѓа. Истовремено, тој предлага државата да даде обрзници,  да ги купат граѓаните кои имаат пари, но јас не се согласувам, и тоа што е ликвидно да сега треба да го црпиме, треба да го земеме како држава, а тие пари треба да флуктуираат да ги оставиме таму да се трошат. Ако ги исцедиме  тогаш тие ќе се донесат во буџетот, а тоа е намалена потрошувачка кај граѓаните и затоа не се согласувам. Ние треба дома се што можеме да скратиме од јавната и приватната потрошувачка. Кога ги гледаме расходите и се што значи одлив кон надвор треба да го скратиме, се што значи пуштање дома – пуштај. Да можеме сега да отвориме уште четири до пет грандиозни, капитални проекти, би го направил тоа со 30 отсто аванас, со 70 отсто на државни обврзници, да им се плаќа на градежните компании за десет години, да можат државните обвзници да ги претвораат во пари, нешто како Маршаловиот план. Целта е да произведеме што повеќе пари насекаде, за стимулирање на приватната, но и на јавната потрошувачка. Јавната потрошувачка најчесто се поврзува со градежништвото, а градежништвото вклучува 70-тина гранки и дејности, и сето тоа не е нешто што јас сум го измислил, туку се меѓународни теории кои што даваат резултат“, порача Заев.

NovaTV