БРИСЕЛ (АА) – Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг истакна дека Северна Македонија стана 30. членка на НАТО по завршување на сите официјални процеси, пренесува Агенција Анадолија (АА).

„Северна Македонија денес стана дел од НАТО-семејството со 30 нации и со население од околу 1 милијарда. Семејство засновано на фактот дека без оглед со какви предизвици се соочуваме, сите сме заедно посилни и побезбедни“, нагласи Столтенберг во писмено соопштение.

Столтенберг потсети дека сојузниците на НАТО во февруари 2019 година го потпишаа протоколот за членство на Северна Македонија, и дека потоа парламентите на сите земји членки го ратификувале овој протокол.

Тој рече дека Северна Македонија денес до Вашингтон го достави инструментот за членство, со што, како што истакна Столтенберг, завршен е официјалниот процес.

Генералниот секретар на НАТО нагласи дека Северна Македонија долго време дава важен придонес во евро-атлантската безбедност, и дека учествува на мисиите на НАТО во Авганистан и Косово.

На 30 март ќе се одржи церемонија во рамките на која на јарболот во седиштето на НАТО ќе биде поставено знамето на Северна Македонија.

Протоколот за пристапување меѓу НАТО и Северна Македонија беше потпишан на 6 февруари 2019 година.

Потсетуваме, во Собранието на Република Северна Македонија на 11 февруари оваа година на свечена седница го ратификуваше Законот за ратификација на Северноатлантскиот договор.

Северна Македонија на 12 јули 2018 година на Самитот на НАТО во Брисел доби повик да стане членка на Алијансата. Потоа, Протоколот за пристапување на Северна Македонија во НАТО е потпишан во седиштето на НАТО во Брисел во февруари минатата година. Оттогаш почна процесот на ратификација на овој Протокол во парламентите на земјите членки на Алијансата, а беше финализиран на 17 март со ратификацијата на Шпанија.