И додека одредени стопански дејности се најдоа под директен удар на рестриктивните мерки поради коронавирусот во земјава, сепак има и такви кои и во вакви вонредни услови работат со профит. Интернет компании,транспортни фирми за логистика, фармацијата, маркетите се дел од овој синџир на „победници“.

Во време кога коронавирусот најсилно ги погоди туризмот и угостителството, транспортот и услужните дејности, одредени стопански гранки и во услови на вонредна состојба сепак можат да се пофалат со заработка. Интернет компании кои пружат дигитални услуги, транспортни компании кои се занимаваат со дистрибуција и логистика за да стигне храната до потрошувачите, малопродажните дуќани и маркети, фармацевтската индустрија, се секторите кои не само што нема да бидат на удар, туку ќе имаат и ќар од кризната состојба, посочуваат нашите соговорници.

Претседателот на Конфедерацијата на работодавачи, Миле Бошков вели дека онлајн вештините во финансискиот сектор ќе бидат „на цена“, односно дека дигитализацијата ќе биде особено важна во времето кое го живееме.

„Ако ова ситуација продолжи слободата на формирање на пазарни цени ќе се скрати и ќе биде неминовно надлежните да интервенираат. Од друга страна не можам да го изоставам фактот дека загарантираните права и слободи ќе се скратат, особено ако интервенира Владата за да не се направат несовесни заработки во одредени дејности. Но без банките и дигитализацијата со банките не ќе можеме, за да го заштитиме нашето здравје и прехранбената индустрија која може ќе треба да се шири и со носење на достава на домашна адреса“, вели Бошков.

Повеќе на:РСЕ