Обидувајќи се да напишам, по некој збор, нешто повеќе од убави зборови или пак сврзам некоја реченица, мислите длабоко ми се потиснати во простор исполнет со тага, тага за една човечка душа, тага за еден родител, роднина, другар, пријател и колега. Притоа, обидувајќи се да му се спротивставам на реалноста дека го нема мојот драг пријател и колега…Беким..

Движејќи се низ тој простор успевам да ја дофатам сликата и спомените на една прекрасна насмевка,прекрасен тивок глас, и кристално чист и јасен поглед.

Не постои нешто што може да ја урне убавината на таквата душа, каква што во себе ја носеше Беким, освен онаа одредбата на оној кој не донел на овој свет, Возвишениот Аллах џ.ш.

“Кажи Иса“, ова секогаш беа неговите зборови кога ќе звонев на телефон, или пак кога ќе претстојував во нашиот заеднички дом (ТВ Спектра) каде поминав преубави години, со преубави пријатели.., пиејќи лимонада или макијато, со преубав разговор поврзан за Адобе премиере, Фото Шоп, или нешто друго поврзано за видео монтажата, ама и за онаа спортската страна иако тој навиваше за друг клуб, а јас за друг, сепак успевавме да најдеме една заедничка средина.

Разговорот секогаш беше проследуван со преубава насмевка и милозлив тон, она по што беше препознатлив нашиот Беким..

За момент кога ќе се подзамислам, не можам да се соочам со реалноста дека во просторијата исполнета со техника, едно столче останува испразнето и кое, зјаи празно кон широкиот монитор, тоа беше столчето на нашиот Беким.

А, и тастарурата повеќе нема да биде иста…. таа веќе се навикнала на нежните прсти на Беким, кои тропкаа и се лизгаа по нејзината површина.

Колку и да се пишува, не постои текст кој може да ги опише моментите поминати со Беким..

Иако, неможев да присуствувам на неговото испраќање, сепак мислите ми останаа токму таму, подзамислувајќи се и правејќи дова, да Возвишениот Аллах џ.ш го награди со најубавата награда каква што ја заслужуваше Беким, а тоа е Џеннет.

На моите пријатели од нашиот заеднички дом ( ТВ Спектра ) им посакувам, а и се надевам дека ќе продолжат по патот кој со години заеднички сме го граделе, пат во чија изградба дел токму беше и Беким, пат низ кој поминуваа тешки, ама и многу преубави спомени-моменти. Мора да се продолжи по тој пат низ кој ќе поминуваат и нашите животи.

Едно сигурно знам, дека иако не е тука, сепак неговата топлина и преубав мирис заедно со спомените (видеа, фотографии)  ќе останат околу нас и потсетуваат на една добра душа која веќе тргнала кон вечниот пат,(ахирет), пат кој ќе му ја отвори вратата на вечниот џеннет….Амин!

Во спомен и сеќавање на мојот драг пријател и колега Беким Бајрамоски.

Исо Демишоски/Дубаи Портал