За да уништите еден народ или држава доволно е да го уништите образовниот систем. Оваа позната изрека јасно ја отсликува реалноста во која живееме во Македонија, и покажува дека темелот на секоја општествена заедница е образованието. Нашиот образовен систем е лошо поставен наспрема новите предизвици кои доаѓаат со современите текови во развојот на технологијата,техниката и др. Сведоци сме исто така дека во претходните години претходната влада направи неколку фамозни реформи кои предизвикаа револт и негодување кај граѓаните како што се екстерното тестирање, воведување на Кембриџ програмата и др.

Овие реформи беа донесувани без соодветна анализа и истражувања и добра методолошка поткрепа. Она што е уште позагрижувачки, е тоа што Р.Македонија, е број еден на листата за вложување во образованието во регионот, но од друга страна покажуваме најслаби резултати. Тоа покажува дека нашите институции кои се занимаваат со образовнието и неговото подобрување неефикасно ги користат своите ресурси и се трошат пари за лоши реформи. Ова исто така индицира, на тоа дека, што повеќе пари вложуваме за образованието толку сме послаби. Исто така тука може да го наведеме и обидот на Министерството за образование и наука за воведување на екстерно тестирање во високото образование, но тоа за среќа се спречи благодарејќи на студентските протести кои го покажаа бунтот и пркосот на младината наспроти лошите реформи. Кога станува збор за екстерното тестирање мора да посочиме дека во него има доста лоши карактеристики.

Со него се мерат само постигањата на учениците и нивното знаење со ставање на акцент на запомнување на факти или фактографија. Исто така прашањата кои се поставуваат се од типот со препознавање, кој е најнизок тип на знаење. Уште позагрижувачки е тоа дека, ако оценката која е ставена во екстерното тестирање, не соодвествува со таа на наставникот, за наставникот следи казна со намалување на неговата мала плата и тоа делува демотивирачки за него. Со ова се деградира неговиот професионален и личен интегритет во кариерата.

Исто така тука во контекст на лошите реформи ќе ја спомнеме и Кембриџ програмата. Имено оваа програма не соодвествува со возраста на учениците, т.е не се води сметка за тоа кои содржини им се даваат на децата за нивната возраст.Она што е индикативно и што го докажува лошиот квалитет е тоа што наставниците имаат потешкотија во реализирањето на наставата за предметот за кој е наменета.Има доста поплаки од страна на наставниците за оваа програма. Во овој контекст исто така мора да се напомене дека со оваа програма и со нејзиното реализирање не се води сметка за постапноста во темите што се обработуваат од наставното градиво, односно се скока од една на друга без да има поврзаности.

Во поглед на учебниците има доста небулози или недоречености за некои работи. За тоа колку лошо е поставен нашиот образовен систем, како главен индикатор и показател може да ги споменеме и ПИСА, ПИРЛС и други релевантни тестирања кои ги оценуваат учениците по предметите математика, природни науки и др. На нив нашите ученици покажуваата загрижувачки резултати и нашата земја е најдолу на листата во споредба со државите од нашиот регион. Тоа е затоа што во овие тестирања се проверува како учениците критички читаат текст, како можат да го интерпретираат, дали можат да направат анализа.

Од спротива доаѓа нашиот образовен систем кој е заснован само на помнење на факти и чиста репродукција во учењето. И тука нашите ученици се слаби во однос на ваков вид на тестирање. Ова беа само некои од низата лоши реформи кои го уназадија нашиот систем. Се надеваме дека следните владеачки структури ќе го подобрат нашиот систем со суштински промени и кои ќе бидат добро методолошки поткрепени со анализи на состојбите во сферата на науката и нејзините постигања, а не да бидат copy-paste реформи или реформи кои се пресликуваат без соодветна заснованост и поткрепа.

Автор: Сафет Беќироски