Жителите на струшкото село Октиси реагираат на продолженото сечење шума во селскиот атар на планината Јабланица, стравувајќи дека претераната експлоатација на шумата може да доведе до секнување на изворите од кои селото се снабдува со вода за пиење. Претседателот на месната заедница Октиси, Енис Мевмедовски, во изјава за рече дека на селото му се заканува еколошка катастрофа и оти може да се случи да остане без вода.

„Патот на механизацијата до местото каде се врши сечата е трасиран преку приватен имот. Ние не можеме да запреме сечење, но ќе го искористиме тоа што патот води низ приватни имоти барем привремено да да го спречиме тоа, барем додека не добиеме одговор од надлежните институции за тоа како ќе се уреди проблемот, рече Мевмедовски. Тој појасни дека жителите на селото постојано одат на местото на сечата, физички обидувајќи се да запре девастацијата, но оти полицијата ги приведува на распит.“

„Остваривме контакт со началниците на полициските станици од Велешта и Струга, на кои беше договорено да не се продолжува со сечење во овој период додека ние не обезбедиме документација за трасата на патот, но и тоа не се испочитува, сечењето шума продолжува секојдневно“, рече Мевмедовски.

Жителите на Октиси го чекаат судскиот налог за времена забрана за влез низ приватен имот, како обид да се стопира процесот, но стравуваат дека нема да успеат бидејќи од „Македонски шуми“ добиле известување дека експлоатацијата на шумата се одвива плански и согласно законот. – Ние не сме против сечењето, но стравуваме дека ако се исече тој дел на шумата непосредно кај изворите пет илјади жители на Октиси ќе останат без вода.

Останува да видиме дали државата е со нив или со народот, рече тој. Како месна заедница велат дека ги предупредиле жителите на селот а на препораките и мерките од Владата за спречување на ширење на коронавирусот, дека во овој миг не се дозволени масовни собири, но оти револтот кај населението е голем така што не е исклучена можноста масовно да излезе на протести доколку не се стопира сечата на шумата. Повлекување на механизацијата од атарот на селото Октиси, поништување на тендерите за сеча на шума и мерки за прогласување на планината Јабланица за национален парк, беа барања што жителите на Октиси ги доставија до надлежните институции уште на мирниот протест одржан во февурари годинава.

Според нивните проценки, околу 70 проценти од шумата во околината на селото се уништени поради неконтролирана сеча, а зачестиле и појавите да се предизвикуваат намерни пожари за потоа да се експлоатира дрвото. Жителите на Октиси, меѓу кои и бизнисменот Фијат Цановски, тогаш потпишаа и петиција што беше доставена до властите за неодложно запирање на сечењето шума, со предупредување за радикализација на протестите доколку државата не постапи согласно нивните барања за заштита на животната средина, особено шумското богатство на планината Јабланица.