Француското списание „Канар аншене“ (Le Canard enchaine) пишува дека турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган е единствен лидер кој игра чесна игра во Либија, земјата која речиси една деценија е средиште на политичка и безбедносна криза, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Повикувајќи се на мислењата на поранешните француски дипломати, францускиот весник во вчерашната колумна наведе дека турските власти не ги кријат своите легитимни цели и интереси на Медитеранот.

Текстот е објавен под наслов „Само Турција игра фер игра во Либија“, што е еден вид одговор на неодамнешната изјава на францускиот претседател Емануел Макрон, кој ја обвини Турција дека игра опасна игра во Либија.

„Ердоган е единствениот чесен лидер кој не ги крие своите геополитички, воени и енергетски цели. Ова се однесува на целиот Медитеран, Либија и Кипар“, се наведува во текстот.

Поранешните француски дипломати понатаму тврдат дека лидерот на нелегитимните милитантни сили од источна Либија, Калифа Хафтар, се потпирал на поддршката на Русија, Египет, Обединетите Арапски Емирати, Саудиска Арабија и Франција во борбата за соборување на меѓународно признатата либиска Влада на национално единство.

Во колумната тие понатаму тврдат дека легитимната либиска Влада ги спречила нападите и ги победила милитантите на Хафтар, благодарение на поддршката што ја дава Турција.

Потсетувајќи на неодамнешната закана на египетскиот претседател Абдел Фатах ал Сиси со евентуална воена интервенција во Либија, француското списание изјави дека либиската Влада на премиерот Фајез ал Сараџ остро одговорила на таа закана и ја оценила како мешање во внатрешните работи, па дури и своевидно објавување на војна.

Anadolu