АНКАРА (АА) – Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, во програма во живо на турското радио Башакшехир, одговaраше на прашања во врска со актуелните теми од регионот и светот, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Во однос на прашањето за посетата на Либија, заедно со министерот за финансии и трезор, Берат Албајрак и шефот на Турската разузнавачка служба (МИТ), Хакан Фидан и портпаролот на претседателот Ибрахим Калин, Чавушоглу истакна дека во текот на посетата нагласена е турската поддршка за Либија и либискиот народ.

Истакнувајќи дека Турција ја поддржува легитимната Влада на Либија, признаена од Обединетите нации (ОН), Чавушоглу нагласи дека за време на посетата е разговарано и за поддршката на Турција во идниот период, заедничките чекори што ќе се преземат и напорите во врска со политичкиот процес под покровителство на Обединетите нации (ОН).

Чавушоглу рече дека меѓу Турција и Либија има вкоренети врски засновани на историјата, и потсети дека меѓу двете земји потпишани се договори во областа на енергетиката, економијата и инфраструктурата. За време на посетата разговарано е и за прилагодување на овие договори во денешно време.

– „Секој гледа дека Франција игра опасна игри“ –

Посочувајќи дека интересот за Либија и особено за легитимната Влада во земјата од неодамна е зголемен, Чавушоглу рече: „Особено балансот е постигнат благодарение на нас. Откако легитимната Влада почна да се здобива со супериорност, дури и земјите кои беа воздржани полека почнаа да ја подржуваат легитимната Влада.“

Турскиот министер истакна дека од оваа ситуација најмногу се погодени Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и Франција.

Чавушоглу коментирајќи ја изјавата на Францускиот претседател, Емануел Макрон, дека Турција игра „опасна игра“ во Либија, со поддршката на легитимната Влада на Либија рече: „Всушност, присуството на Франција тука и нејзините активности се загрижувачки.“

Истакна дека по турската операција „Извор на мирот“ во северна Сирија, на Франција ѝ се замрачил умот, и дека Франција се обидувала секаде да го наруши мирот.

„Каде и да има некој сепаратист, пучист, таа го поддржува. Всушност, загрижува тоа што го прави Франција. Во 2011 година ја бомбардираа Либија и си заминаа. Сега доаѓаат и го поддржуваат пучистот“, рече Чавушоглу.

Потсети дека Турција ја поддржува легитимната Влада на Либија, а Франција, Калифа Хафтар, водачот на нелегитимните вооружени сили на истокот на земјата.

„Одлуката на Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН) вели поддржете ја Владата на премиерот Сараџ, а прекинете ја врската со другите сепаратисти и оние кои не го поддржуваат овој договор. Која е еден од постојаните земји членки на Советот за безбедност на Обединетите нации? – Франција. Таа е во спротивност со нејзината одлука. Тука има дволичност. Неискреноста е исклучително голема. Затоа, сите гледаат дека Франција тука игра опасна игра.“

Забележувајќи дека во Либија постои ситуација која преставува доказ за воено злосторство и злосторство против човештвото, Чавушоглу рече: „Треба да се одговара за тоа. Кој стои зад тоа? – Макрон стои. Макрон најпрво треба да покаже способност да ја води својата земја, наместо да се меша во други земји.“

Чавушоглу рече дека Франција под водство на Макрон се обидува на терористите во Сирија да формираат држава, се обидува да ја подели Либија и да ги поддржува терористичките организации.

„Макрон сака Франција да ја врати во поранешна колонијална земја“, нагласи Чавушоглу.

„Токму Макрон ја игра опасната игра, поминувајќи ја границата. Ние ги дадовме нашите изјави. Навистина има замрачување на умот. Тој се обидува реакциите што ги добива во Франција да ги компензира со преземање нешто надвор од границите. За жал, тоне во неговите напори.“

– „Која е средината на Либија, за која велиш дека е твоја црвена Линија?“ –

Нагласувајќи дека ставот на Египет за Либија е наметнат од Франција и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), Чавушоглу за изјавата на Абдулфетах ес Сиси дека „Сирт и Џизре се црвената линија“ праша:

„Џуфра и Сирт, за кои говореше тој, колку се оддалечени од египетската граница? Која е средината на Либија, за која велиш [Сиси] дека е твоја црвена Линија? Зошто го кажуваш ова, зошто е црвена линија? Или си под туѓо влијание, или пак има нафтени полиња, резерви кои се протегаат дотаму. И си фрлил око на нив. Треба да ја објасниш таа црвена линија? Всушност не доби и голема поддршка и од својот народ.“