АНКАРА (АА) – Турција до 1 јули ќе отвори центри за тестирање на коронавирусот на најфреквентните аеродроми во земјата, а до средината на јули вакви центри ќе започнат со работа на сите турски аеродроми, јавува Агенција Анадолија (АА).

Министерот за култура и туризам на Република Турција, Мехмет Нури Ерсој, како гостин на денешниот уреднички деск на АА во Анкара, порача дека Турција е најбезбедна туристичка дестинација во европски рамки.

Коментирајќи го процесот на нормализација на ситуацијата во контекст на пандемијата на Ковид-19, Ерсој истакна дека Турција плански и систематски го води тој процес, вклучувајќи го и секторот на туризмот, во кој се поставени потребните критериуми за повторно отворање на хотелите и угостителските комплекси.

Турција подготви извештај за состојбата на здравствените капацитети и преземените превентивни мерки во своите туристички комплекси, и го испрати до властите на стотина држави од кои доаѓаат најголем број туристи, а министерот Ерсој води интензивни состаноци и консултации со амбасадорите во Анкара.

Тој рече дека за амбасадорите и претставниците на медиумите од 60 држави бил организиран излет во Анталија за на лице место да се уверат во туристичката понуда на Турција, каде што на почетокот на месецот почна сертифицирањето на хотелите со сите преземени мерки против ширењето на коронавирусот.

„За Сертификатот за безбеден туризам аплицираа најмалку 727 хотели и околу 900 ресторани. Сертифицирањето е сложен процес кој вклучува периодични инспекции. Тука е и програмата на таканаречени тајни гости, односно инспектори кои ненајавено ќе престојуваат во хотелот и ќе ја следат ситуацијата. Сè е транспарентно и сертификатите со сите податоци ќе бидат истакнати на видни места“, рече Ерсој.

Истакнувајќи дека Турција секојдневно објавува прегледи на епидемиолошката слика и дека сите мерки ги спроведува транспарентно, Ерсој рече дека странските амбасадори и новинари по посетата на Анталија изјавиле дека се чувствуваат сигурно во Турција.

Коментирајќи ги потезите на одредени земји кои воведуваат рестрикции кон странските туристи, Ерсој го наведе примерот на Германија, каде што со судска одлука е оспорена и укината мерката за задолжителен двонеделен карантин, а го наведе и примерот на мерките како задолжителното тестирање за коронавирусот пред влезот во некои земји.

„Турција до 1 јули ќе отвори центри за тестирање на коронавирусот на аеродромите во Истанбул, Анталија, Измир и Даламан, а до 15 јули вакви центри ќе започнат со работа на сите турски аеродроми. Така овозможивме патниците при доаѓање или заминување од Турција да можат доброволно да го направат овој тест и за симболична цена од околу 15 евра за два часа да ги добијат наодите“, рече Ерсој.

Тој објасни дека странските туристи по влегувањето во Турција се подложуваат на основни прегледи на телесната температура и пополнуват анкети за евентуални симптоми, и дека тестот е задолжителен само за оние со изразено покачена температура или со постоечки симптоми. Додаде дека тестирањето во вакви случаи е бесплатно.

Турскиот министер Ерсој рече дека Турција има јасно дефинирана визија и цели на развојот до 2023 година, кога Републиката ја одбележува јубелејната 100-годишнина од основањето.

„Нашите цели во туризмот не се променети. Целта е во 2023 година да имаме 75 милиони туристи и приход од 65 милијарди долари“, рече Ерсој, кој најави и континуиран пораст на бројот на јавни плажи во Анталија и другите туристички региони во Турција.