Белгискиот парламент донесе необврзувачка резолуција во која ја повикува владата да преземе водечка улога во спроведувањето на „контрамерката“ против Израел, доколку Израел продолжи со планираната анексија на делови од Западниот Брег.

Резолуцијата, усвоена во петокот наутро од апсолутно мнозинство пратеници, ја повикува сојузната влада да преземе чекори за да спречи анексија на палестинските територии. Во неа стои дека белгиската влада треба „да игра водечка улога“ во составувањето список на „ефективни контрамерки за пропорционален одговор“ на Израел, доколку Израел продолжи со планот.

Документот исто така повикува да се преземат потенцијално казнени мерки против владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху. Доколку нема договор за одговор на европско ниво, Белгија треба да се обиде да создаде „коалиција меѓу истомисленици“ за да се постигне заеднички одговор, се вели во резолуцијата.

Многу земји на ЕУ изразија силно спротивставување на намерата на Израел да анектира до 30 проценти од Западниот Брег од 1 јули, но на блокот му треба консензус од сите 27 членки за воведување санкции.

Минатиот месец, францускиот министер за надворешни работи, Жан-Ив Ле Дријан изјави дека работи со партнерите на ЕУ за потенцијална „одмазда“ против Израел. Во средата, повеќе од 1.000 пратеници од 25 европски земји потпишаа изјава во која се спротивставуваат на секоја еднострана израелска анексија на Западниот Брег. Сепак, белгискиот парламент е првиот во ЕУ што официјално повика на санкции заради планираната анексија.

Палестинскиот министер за надворешни работи Ријад ал Малики ја поздрави резолуцијата на белгискиот парламент, велејќи дека тоа доаѓа во време на ескалација на меѓународното отфрлање на израелските планови. „Секој ден гледаме постепен пад на поддршката за Израел и имунитетот што го уживаше со децении, и покрај континуираното кршење на одредбите“, рече ал-Малики во петокот.

Сепак, израелскиот амбасадор во Белгија Емануел Нахсон го осуди овој потег, тврдејќи дека Белгија треба да ги охрабри Палестинците да се вратат во мирни преговори наместо да извршат „непотребен“ притисок врз Израел, пренесува „Тајмс на Израел“.

Нетанјаху повика на анексија на подрачјето на Западниот Брег, дом на повеќе од 420.000 еврејски имигранти како дел од иницијативата на Соединетите држави „Визија за мир“, но Белата куќа во четвртокот соопшти дека не донела конечна одлука дали целосно да ги поддржи плановите.

Анексијата официјално „де факто“ ќе создаде област населена само од Евреи. Планот беше осуден од експерти за човекови права на Обединетите нации, кои го нарекоа „нелегален“ и „апартхејд од 21 век“.

Извор:logicno