Граѓаните од регионов ги мачат истите работи, невработеноста, коруптивните политички партии, корумпираното судство и здравство како и стравот од иселување на квалификуваниот кадар. Корона вирусот дополнително ги направи земјите од Западен Балкан понесигурни од претходно, покажува Балкан Барометар.

Невработеноста и слабиот економски развој се главните проблеми на граѓаните во регионот покажува последниот извештај на Балкан Барометар, истражување за јавното мислење кое го спроведе Регионалниот совет за соработка. Недостатокот на работа и непотизмот се наведени како две главни пречки при вработувањето, при што отворањето на нови работни места се случува во индустрии каде што се пониски платите. Дополнително состојбата со пандемијата од ковид-19 ќе ја влоши економската ситуација во наредните месеци со што ќе стане еден од најголемите шокови во изминативе децении , се вели во извештајот.

Во однос на прашањето колку сте задоволни од економскиот раст во вашата земја, само 18 проценти од македонските државјани одговориле дека се задоволни, 24 дека се незадоволни, додека 30 проценти ниту се задоволни, ниту се незадоволни.

Корупцијата веќе неколку години е на бронзеното трето место и преставува проблем за кој граѓаните од регионот решението не го гледаат во властите кои ги водат. Во главните заклучоци на овогодишното истражување е наведено дека во регионот забележан е значителен пад на довербата на граѓаните во јавните институции – најниско ниво од 2015 година. Огромното мнозинство граѓани сметаат дека законите не се применуваат ниту ефикасно (66 отсто) ниту непристрасно (76 отсто). Истражувањето покажа дека 71 процент од граѓаните сметаат дека нивните влади не се борат успешно во борбата против корупцијата, додека во 2018 година, 61 процент од испитаниците имале таков став.

Вархеји:Корупцијата главен проблем во Западен Балкан

На прашањето кои сметаат дека се најкорумпирани, 83 отсто од граѓаните во регионот ги посочуваат политичките партии а потоа судството со 80 отстои 76 отсто здравствени работници.

Во Македонија за најкорумпиран сектор граѓаните сметаат дека е судството со 89 проценти, на второто место е Царина со 86 проценти и веднаш по неа се политичките партии со 85 проценти. Здравствените работици 78 проценти од анкетираните ги сметат за корумпирани, но блиску до нив се и пратениците со 77 проценти и полицијата со 76, а медиумите со 70 проценти.Образовниот систем на скалата за корупција е веднаш зад нив со 64 проценти. На дното на листата како најмалку корумпирани во перцепцијата на македонските државјани е Армијата.

Борбата против корупцијата требаше да биде едно од суштинските исполнувања за демократско владеење и една од највисоките цели во изминативе години. Тоа како еден од главните недостатоци и слабости во македонското општество го наведе во извештајот пензионираниот директор во ЕК Рајнхард Прибе во 2015 година.

Слаѓана Тасева од Транспаренси интернешнл вели дека политиката не дозволува борба против корупцијата и е во спрега со бизнисот и со финансиската олигархија.

Политиката, бизнисот и финансиите се во спрега, а ние таа висока корупција не ја гледаме затоа што институциите немаат капацитет да ја истражуваат. Се гледа од надвор, оние држави коишто имаат можност да следат трансакции од Македонија, ни кажуваат што се случува овде, меѓутоа ако нема исход и завршница на некаква законска постапка во некаква законска постапка, статистички кај нас таков криминал не постои“, вели Тасева.

На листата на грижи веднаш после корупцијата е одливот на мозоци од регионот, 70 проценти од младите размислуваат да ја напуштат земјата. Заминувањето на квалификувана работна сила стана голема загриженост за нашите граѓани, со тоа што тој процент скокна од нула процент во 2015 година на сегашните 20 проценти.

Македонските државјани сметаат дека приоритети за инвестиции се болниците и училиштата , но и индустриски зони а потоа и во земјоделството и малите и средни бизниси. Само 4 проценти од испитаниците во земјава сметаат дека како приоритет за инвестиции се науката и технологијата.

Претставувајќи ги резултатите од истражувањето за 2020 година, генералната секретарка на Регионалниот Совет за соработка, Мајлинда Брегу, рече дека позитивниот став на граѓаните на регионот кон членството во ЕУ е за 20 отсто поголем отколку во 2015 година. Најновото истражување покажува дека членството во ЕУ е поддржано од 64 отсто од младите луѓе во Западен Балкан, што претставува зголемување од три отсто во однос на претходната година.

Балканскиот барометар е годишно истражување на јавното мислење спроведено од РЦЦ, прибирање и анализирање на податоци од граѓани и компании од Западен Балкан, за тематски области како што се вработување, трговија, инвестиции, корупција и друго.


R.S.E