ЕРУСАЛИМ (АА) – Кабинетот на израелската Влада на 1 јули треба да гласа за анексија на сите изградени еврејски населби, како и на Јорданската Долина во окупираниот Западен Брег.

Бидејќи анексијата се соочува со протест од Палестинците и од меѓународната заедница, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се обидува преку различни сценарија да го спроведе неговиот план.

Долгогодишниот ривал на Нетанјаху, сега претворен во сојузник, Бени Ганц, лидер на коалицијата „Сино-бели“, ја оправда својата поддршка за планот за анексија со одобрувањето на Соединетите Американски Држави (САД), додека Вашингтон го услови тоа одобрување со израелскиот договор помеѓу Нетанјаху и Ганц.

На израелско безбедносно и разузнавачко ниво, Армијата и разузнавачките кругови очекуваат планот за анексија да предизвика насилства на палестинските територии.

Во разговор за Агенција Анадолија (АА), Вади Ебу Насар, палестински експерт за израелската политика, изјави дека смета оти Нетанјаху ќе се обиде да примени едно од четирите сценарија за анексија на Западниот Брег.

„Нетанјаху може да го наведе палестинското, арапското и спротивствувањето на меѓународната заедница, како и немањето договор со американската администрација за картата за анексија, како изговор за одложување на овој чекор“, рече Ебу Насар.

„Во ова сценарио, [Нетанјаху] ќе се обложи на времето. Тој ќе го држи планот за анексија на маса, но нема да определи одреден датум за тоа“, рече тој. „Сепак, Нетанјаху може да ја активира анексијата во кое било време, најверојатно пред претседателските избори во САД во ноември.“

Ебу Насар смета дека Нетанјаху можеби ќе се обиде да постигне договор со американската администрација за анексија што ќе се одвива во фази.

„Тој може да започне со анектирање на блоковите населби во близина на Ерусалим, како што се Ма’ле Адумим и Гуш Ецион“, рече тој.

„Ова значи дека тој ќе ја спроведува анексијата чекор по чекор и нема одеднаш да анектира 30 отсто од Западниот Брег.“

Третото сценарио за израелскиот премиер би било да остане слеп и нем на спротивставувањето на меѓународната заедница и да анектира 30 отсто од окупираните територии според планот од „Договорот на векот“ на американскиот претседател Доналд Трамп.

Ебу Насар предвидува дека Нетанјаху „може да изненади голем број луѓе во светот со тоа што ќе анектира повеќе од 30 отсто од Западниот Брег за да ги задоволи израелските доселеници“.

Израелските медиуми претходно објавија дека Нетанјаху може да го анектира Западниот Брег во фази, започнувајќи со населените блокови Ма’але Адумим, Гуш Ецион и Ариел.

„Сценариото за анексија во етапи е поверојатно“, рече Ебу Насар. „Сепак, ова зависи од континуираниот притисок од арапските и европските земји за [Нетанјаху] да го прекине овој потег.“

Ебу Насар смета дека во случај на зголемени притисоци од арапските и европските земји, Нетанјаху би можел да се реши на одложување на анексијата.

„Но, тој би можел да започне постепено анектирање ако притисоците се слаби“, рече тој.

Според палестинскиот експерт, Европејците вршат притисок врз израелскиот премиер да ја одложи анексијата до претседателските избори во САД.

„Поради ова, шансата Трамп да освои втор мандат изгледа послаба, бидејќи неговиот ривал на изборите, демократот Џо Бајден, во неколку наврати го потенцираше своето противење на анексијата и неговата поддршка за дводржавното решение.“

Ебу Насар рече дека гласот во Израел се зголемува да се искористи присуството на Трамп во Белата куќа за спроведување на планот за анексија пред изборите во САД.

Минатата недела, тридневните разговори во Белата куќа меѓу американските и израелските претставници за тоа дали САД ќе го поддржат израелскиот план за анексија, завршија без успех.

Палестинските официјални претставници се заканија дека ќе ги поништат билатералните договори со Израел ако продолжи со планот за анексија, што дополнително ќе го поткопа дводржавното решение.

Западниот Брег, вклучително и Источен Ерусалим, се сметаат за окупирани територии според меѓународното право, со што сите еврејски населби изградени таму, како и планираната анексија, се сметаат за нелегални.

Anadolu