Алатка во оваа предизборна кампања досега на дел од партиите се таканаречените бомби. Што од викенд аудио материјалите за претседателот на СДСМ Зоран Заев и за неговиот политички опонент Христијан Мицкоски е точно?

Две аудио „бомби“ викендов беа објавени на социјалната мрежа Јутјуб на различни канали, едната со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, а во другата се слуша името на лидерот на СДСМ Зоран Заев. Заедничко кај двете е што во нив зборува осудениот во случајот „Рекет“ Зоран Милевски.

Одлика на оваа предизборна кампања се различните аудио материјали кои се објавуваат на Јутјуб, а имаат цел да им наштетат или на власта или на опозицијата во пресрет на изборите кои треба да се одржат на 15 јули.

И Мицкоски и Заев имаа реакции за содржината, отфрлувајќи инволвираност во нелегални дејствија, но што од тоа што се зборува и реално се случило?

Долгот на ВМРО-ДПМНЕ

На каналот „Рекет“ на мрежата Јутјуб беше објавен аудио материјал во којсе слушаат гласовите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски, осудениот во случајот „Рекет“ Милески и женски глас за кој дел медиуми јавија дека е на Слободанка Алексовска, државна функционерка во поранешното владеење на ВМРО-ДПМНЕ и наводно вработена во „Систина“, болница во која дел од сопствеништвото е на Орце Камчев, главниот сведок во случајот „Рекет“.

„Ние Зоки се договараме извесен период да се видиме. Не успеавме да се видиме со него…со избориве почнавме. Па ја откажав, па он нешто погреби-могреби таму не знам имаше, па пак јас откажав и така се некако и не можеме да се видиме, вака, објективно да ти кажам. А, лично сакам да го видам, зашто ми помогнал. Кога ти велам ми помогнал, тоа што беше долгот кај сестра му од претходнициве мои, знаеш ти беше присутен на тој разговор кога рече „Не треба ништо“. Сега мене, јас пред година и пол кога влегов во партијата немав струја, исклучена кабелска“, вели Мицкоски во разговорот.

Нова „бомба“ со гласовите на Мицкоски и Милески

Ова дел медиуми го протолкуваат дека се однесува на Орце Камчев, сведок во случајот „Рекет“ и осомничен во случајот Империја. Радио Слободна Европа го праша Мицкоски дали мисли на Камчев, но тој не одговори, туку упати на неговата претходно дадена изјава, во која не кажува дали мисли на бизнисменот.

„Јас сум го кажал тоа и во разговорот, дека кога ја преземав ВМРО-ДПМНЕ пред точно 30 месеци, партијата беше во незавидна финансиска ситуација, со блокиран имот од истата онаа судијка Димишкова која е сестра на оној адвокат Димишков, кој го слушавме како бара шест милиони евра од познат бизнисмен за да биде ослободен од притвор. Да, во тој момент имавме сериозни потешкотии, нешто слично претпоставувам како што ќе ја затекнеме државата после 15 јули. Останатиот дел од разговорот сум го коментирал и во минатото дека мора да има правда и право, но она вистинско, а не онакво какво што му одговара на СДСМ и Зоран Заев„, истакна Мицковски.

Во разговорот со Милески, пак, се споменува почеток на избори, а Мицкоски како лидер, досега учествувал само на претседателски избори, така што веројатно разговорот се случил по изборите.
Токму за нив, Камчев се споменуваше како финансиер.

Во ноември 2019 година, Заев, тогаш како премиер, во интервју за Радио Слободна Европа, тврдеше дека бизнисменот давал недозволиво голема сума пати на ВМРО-ДПМНЕ за претседателските избори. Ревизорите тогаш констатираа дека партијата должи околу 400 000 евра на „Полиестер деј“ за печатење маици и ОК медиа која издава билборди. И двете во јавноста директно или индиректно беа поврзувани со Камчев. Неговиот адвокатски тим пак, тоа го негираше со образложение дека „Полиестер деј“ земала маици од фирмата „Монт“ на Камчев и дека всушност тие им се должници. Тогаш во разговор за Слободна Европа, генералниот секретар на партијата и потписник на сметката Игор Јанушев ги негираше тврдењата дека Камчев ги финансирал.

„Целата ситуација е толку небулозна и надвор од здравиот разум и логика“
РСЕ: Значи ги отфрлате тврдењата дека Камчев ве финансирал?
“Секако дека ги отфрлам”, вели Јанушев.

Што е реализирано од разговорот Дака-Милески?

Неколку часа по објавување на овој аудио материјал со Мицкоски, на друг Јутјуб канал „Раце лепливи“ се појави бомба во која повторно, како што се пишува, се слуша гласот на Зоран Милески и Миодраг Давидовиќ Дака, контроверзен црногорски бизнисмен. Во аудио материјалот кој трае околу 12 минути двајцата, Дака и Милески ги споменуваат имињата на генералниот секретар на владата Драги Рашковски, а се слуша и името на поранешниот премиер, а актуелен претседател на СДСМ Зоран Заев

Нова аудио снимка со Милески, се споменуваат луѓе од власта

Дака се слуша како во расправија и незадоволство од нереализираните бизниси со Милески, споменува работа Тетово со тутун, референдумот и средба со тогашниот премиер Зоран Заев, а се споменува дека работата под контрола ја држел генералниот секретар на владата Драги Рашковски. Дака во разговорот споменува дека му исплатил на Милевски 300 илјади евра и 2000 квадрати и го прашува, што сакате сега?

Ако треба временски да се лоцира снимката таа најверојатно е снимана по 30 јули 2018 година, кога беше распишан референдумот и 30 септември истата година кога тој се одржа, бидејќи го неколку наврати црногорскиот бизнисмен споменува дека го финансирал референдумот.

Но, она што е интересно е споменувањето на конкретни бизниси и фирми. Дака го споменува Шумско индустрискиот комбинат „Јелак“ од Тетово. Од архивата на седниците на Владата пак, може да се види дека на 15 јануари 2019 година Владата донесла предлог-одлука за давање согласност да се понуди дел од деловен простор на другите сосопственици на деловниот простор на „ШИК Јелак“. На друга седница, одржана на седми февруари, владата, како што стои во записникот, ги усвоила заклучоците, а меѓу другото, усвоила и предлог во кој се наведува дека „доколку сосопствениците не ја прифатат понудата во рок од 30 дена од соопштението од подавката, продажбата на идеалниот дел да продолжи согласно член 23 од Законот за користење и располагање со стварите во државна сопственост и со стварите во општинска сопственост“. Земјиштето на „ШИК Јелак“ се уште не е продадено.

Повеќе на РСЕ