ЛОНДОН (АА) – Турција и Велика Британија се согласни во однос на дипломатското решение за Либија, изјави турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, јавува Агенција Анадолија (АА).

Чавушоглу, кој престојува во еднодневна работна посета на Лондон, нагласи дека Турција смета оти единственото решение за либискиот конфликт е политичкото решение, додавајќи: „Треба да дадеме побрза димензија на овој политички процес под покровителство на ОН“.

Условите на легитимната Влада на Сараџ во Либија мора да бидат исполнети со цел постигнување прекин на огнот во Либија, што треба да биде постојан прекин на огнот, истакна Чавушоглу.

Неговите изјави дојдоа по состанокот со британскиот премиер Борис Џонсон во Лондон.

Турскиот министер за надворешни работи претходно се сретна и со неговиот британски колега Доминик Раб.

Чавушоглу истакна дека за време на средбите со Рааб и Џонсон разговарале за односите во периодот по пандемијата, билатералниот договор за слободна трговија по Брегзит, соработката на полето на туризмот, здравствениот туризам и одбранбените индустрии, како и за други меѓународни и регионални прашања, вклучувајќи ги прашањата за Либија, Сирија и НАТО.

Турскиот министер рече дека остварил средба и со Џефри Доналдсон, претседател на Сепартиската парламентарната група за Турција во британскиот Парламент и со Венди Мортон, министерката за европско соседство и Америка.

Тој истакна дека Турција и Велика Британија ќе соработуваат на многу полиња по Брегзит, додавајќи „дури и ако Велика Британија замине од ЕУ, ќе продолжи да биде една од најважните делови на европскиот континент“.

Чавушоглу, исто така, рече дека освен билатералниот трговски договор, станало збор и за иднината на договорот за визи за турските бизнисмени – познат и како Договорот од Анкара – за да се спречат можните ефекти на Брегзит врз турските државјани.

Турскиот шеф на дипломатијата до премиерот Џонсон ја пренел поканата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за посета на Турција.

Тој, исто така, најави дека Турција ќе отвори Конзулат во Манчестер за да обезбеди квалитетни услуги за турските државјани.

Anadolu