ИГРАОРЕЦОТ

Предговор: колумната е напишана во метафорен стил уште во почетокот на 2018 год. Единствената причина за нејзиното сегашно издавање е бидејќи некои работи си го чекаат своето време.

 

Улогите ги имаат:

Играорецот – Сите ние, кои овие 30 години сме останале во ова држава верувајќи во правда и поредок.

Хотелот – Македонија

Сватовите поделени на двете страни на салата – македонскиот народ поделен во две партии. Сватовите кои го играа орото– претходната власт а сватовите кои го играат орото – сегашната власт.

Кумовите – Големите сили 

 

Го викам играорецот иако небеше тоа по професија ниту ги играше сите ора најубаво,  ама затоа го сакаше орото кога тој играше но и кога другите играа посебно уваво а тој уживаше да ги гледа, хранејќи го својот сенароден ген.

Незнам само зошто толку го сакаше орото но највероватно е зошто беше пораснат на сред село на местото викано ,,Ориште,,   

Можеби во нашето време повеќе доликуваше зборот ,, Игралиште,, каде се одвиваа сите детски игри ама одсекогаш и засекогаш за сите генерации и претходни и сегашни и идни ќе биде ,, Ориште,,  зошто таму генерациите пред него играле ора за празници и свадби.  А тој – играорецот живееше со вистинските приказни за тие ора сенародни, за ора во кои за прв пат ќе се допреле за раката и погледнеле во очите пренесувајчи ја платонската љубовта меѓу момците и девојките, за ората кои ни го одржувале видот и етникумот.     

Најмногу во раскажувањата се воодушевувал на тоа што секогаш тие ора ги воделе најдобрите народни играорци, оние за кои народот велел ,,не газат на земја,, дури трештеле тапаните,  зурлите и гајдите. 

Колкава е само разлика од денешните ,,играорци,, кои за да го играат орото  газат врз секого, врз честа и достоинството човечко а посебно ги газат оние – вистинските играорци кои наместо на чело не им дозволуваат да играат ни на опашката на орото.

Но денес свадбите не се играат на ,, Ориштето,, модерно е секако во хотел, така донесе денешното време. Така беше и на ова свадба во овој хотел чие ново име не го забележувам и не се трудам да го забележам, зошто е име кое ништо не ми побудува во моите сетила и чуства. 

Играорецот беше таму.  Седнат беше сам но со погледот ги имаше збрано сите сватови  и оние што играат и оние што само гледаат како другите играат.  Погледот му беше зачуден и поделен исто како што беа поделени сватовите на две страни во салата, левата и десната.

Така зачудениот и поделен поглед барем мене ми укажуваше дека неговите мисли се таму и тука – во минатото и сегашноста. Таму во минатото го замислуваше орото на предците, на ,,ориштето,, каде сите беа едно и сите беа здружени во оро, рака за рака, рамо за рамо.  А тука, ја гледаше поделбата на потомците, на едни кои играат а другите само гледаат како другите го водат орото. 

Тие што играат негледаа ништо, неприметуваа никого, полни беа со себеси, газеа се пред себе.  А лица, на оние кои неиграат навистина изгледаа некако тажно, наивно, полно со елан да заиграат, човек стварно да помисли дека се толку желни за право оро.

Ретко го имам видено да одава чуство на лутина, но овој пат тоа се виде во него. Зачудениот поглед се претвори во искри на лутина, бес и гнев. Незнам зошто тоа наеднаш тоа пукна кај него кога го познавам добро бидејќи и самиот тој-играорецот секогаш ми велеше дека лутината и бесот се непријатели на разумната мисла и никогаш несмееш да дозволиш да те надвладаат. Ама желбата за право оро, заедничко, по се изгледа ги надвладеа неговите разумни мисли. Стана од својата маса и замина на страната на оние кои неможеа да играат за да им даде подршка и надеж дека ќе дојде момент кога и тие ќе играат во заедничко оро.

Токму кога помислив дека ќе изреагира до оркестарот да ја промени песната, се заслушна од ходниците музика поинаква од ова што се свиреше. Стануваше се погласна и погласна и ја надвладуваше музиката во оваа сала а беше придружена со пукот на туфезите и патлаците и понекоја димна бомба. А оние што го водеа орото како што ја слушаа другата музика почнаа некако да им се кочат нозете, да ги грешат чекорите, да се меткаат во орото. Оние што неиграа почнуваа да стануваат и се повеќе ги вртеа ушите кон другата музика и се местеа и групираа кој како ќе се фати на орото, кој прв а кој до него и така во редот.

    Конечно дојде и тој момент кога другиот оркестар со својата музика и ритам влезе во салата. А таму позади музичарите се наоѓаше никој други туку кумот на свадбата. Мора да му се допушти се па дури и промена на музиката зошто впрочем тој е кум.

    И еве едните односно тие што играа наеднаш и како по заповед го напуштија орото,  седнаа и немо гледаа. Криво им беше што заврши нивната музика но во потсвеста и самите знаеa дека орото не го водеа онака како што беше во нивниот кодекс и како што им налагаше нивниот бајрак на братско и здружено.

Сега се фатија новите, истите оние на кои играорецот сакаше да дојдат и тие да заиграат. Се надеваше на заедничко оро каде способностите на секој играорец во орото ќе дојдат до израз. Всушност така и ветува и кога седеа со наведнати глави и го молеа играорецот да застане на нивната страна на салата да им даде со своето присуство подршка и надеж за оро.

Почнаа со орото но веднаш уште на првата песна почнаа да се групираа, да се местат прв до прв а всушност никој од нив небеше способен ниту приближно го познаваше орото. Нивниот чекор беше полн со ароганција и препотенција чиниш тие особини им влегле длабоко во нивниот ген а орото беше далеку од она сенародно туку напротив без никакви елементи на македонски вез на нивните свадбени кошули. Всушност тие што седеле не барале рамноправно и заедничко оро туку им било само жал што не се на местото од претходните да скокаат и палават. 

 Играорецот рано тоа го увиде тоа и седна, се замолчи, ја зеде чашката, длабоко се замисли. Овој пат многу поинаку со чуствата, разумот, лутината. 

И додека мирно чекаше кумот повторно да ја мене музиката за да почне пак и пак истото, повторно го слушнав како ги рече зборовите кои ги имав слушнато на манифестацијата Гоцевите Денови како мисла на Гоце Делчев ,, Историјата не памети друг таков пример  кога еден ист народ по традиција и јазик се разделува на разни спротивни страни, една од друга потуѓа,, 

Мислам дека играорецот добро знаеше  дека со секоја нова, донесана и мената музика на кумовите ќе не има се помалу и помалу на орото, ниту ќе има вистински играорци како од ,,ориштето,, и ке дојде време кога нема кој бајрак да носи.

 

П.С.  Но да не завршувам како автор песимистички во ова метафорна колумна, зошто многу добро го познавам играорецот и многуте како него. Тој повторно заедно со другите ќе заигра право оро на тапанот. Можеби ќе останaт без кондури но гордо ќе газaт боси на земјата, можеби ќе останат без гуна но ќе стојат со исправено чело на дождот. Можеби ќе се потрудат да ги скршат но никогаш нема да ја свиткаат кичмата пред ништо и никого.   

 

Народна поговорка Банка давам да се фатам на оро ама некогаш и пет само да се отфатам.