Пишува: Шериф Ајрадиноски

„Јас (не)мислам така, јас имам ст(р)ав“

„Торбеш за премиер на Македонија“

Од мојата се уште не довршена и не објавена книга „За Торбешите-рекле, напишале“.
„Ние Торбешите сме многу лоши луѓе, сите ја злоупотребуваат нашата добрина“. (Шериф Ајрадиноски)

„Го почитувам чувството како и правото, секој човек да си се определува како што сака. Со една напомена дека чувствата се сентиментална а не рационална категорија. Ако пак тоа е мотивирано од интерес, тогаш станува и утилитарна категорија. Ама љубовта од интерес не е вистинска љубов. Ова како препорака до сите вистински Македонци (истото може да важи и за Албанците, Турците и другите), да не се радуваат на Торбешките натрапници кои „не љубе вас због бијелог врата, веќ вас љубе због ваших дуката“- како што вели една елегична севдалинка. И една препорака до вистинските Торбеши. “Тоа што виси, нека отпадне“. ( Шериф Ајрадиноски )

Почитувани пријатели! Како што можете да забележите на мојот профил, во последно време се помалку пишувам, воопшто не патувам (иако сум канет) на разни семинари, тркалезни маси, симпозиуми и други манифестации. Се поретко пишувам и статии и колумни за разни списанија и портали од Македонија, Балканот и пошироко, во кои сум објавувал порано и т.н. Останаа недовршени и неколку започнати книги. Би ги издвоил две кои се речиси пред завршување и спремни за печатење. Првата е, „Торбешите од Струшки(Горни)Дримкол-Традиции и адети“, во која ги опишувам традициите и адетите на Торбешите од овој крај, од раѓање па се до смрт. Обичаи и адети кои, за жал, веќе се изчезнати или се во фаза на изчезнување и осудени на заборав. Верував и верувам дека една таква книга би ги сочувала од заборав тие убави торбешки адети и би послужила како добар материјал за историчарите, социолозите, антрополозите, етнографите и особено за етнолозите. Втората е, „За Торбешите-рекле, напишале“, во која имам собирано многу реченици, извадоци и цитати на многу, познати, помалку познати и непознати луѓе од различни профили и од различни националности, кои нешто напишале или рекле за Торбешите. Ако биде кисмет, насип, ако даде Бог, да бидат финализирани, редактирани, печатени и објавени, мислам дека ќе биде нешто добро и корисно, не само за Торбешите, туку и за сите љубители на науката и на пишаниот збор.

Како што реков, причина за оваа моја пасивност, пред се, е моето нарушено здравје, но тоа и не е единствената причина. Румелија, Торбешкиот Културно-Научен Центар, чиј идеен творец, иницијатор претседател бев, веќе подолго време е „ни жива ни мртва“, вегетира ама не заживеа. Нешто слично се случува и со Партијата за Европска Идина(ПЕИ), која одамна „ја има фатено удолницата“ и ја губи довербата кај Торбешите. А Торбешите, такви какви што сме, со криза на идентитетот, со комплекси на пониска вредност, во длабока летаргија, некои „трбухом за крухом“, во јабана по европските земји ја нашле својата егзистенциија и сега се „гости-јабанџии“ во својата земја, други мака мачат со немаштија и едвај преживуваат. Има еден мал број на Торбеши кои помалку или повеќе, успешно се упикале во разни поголеми партии, но притоа го смениле „торбешкиот дрес“ со етничките бои на партиите во кои членуваат, воглавно „турски“, „македонски“ или „албански“ и се одродиле, но и партиите ги менуваат во зависност од тоа која е посилна или која ќе дојде на власт. Таму можеби ги полнат стомаците со по некоја трошка, залак или „дебела храна“, ама душата им е празна. Но, има една народна мудрост која вели: „Ништо полошо од полн стомак а празна душа“!

Имало и такви Торбеши кои благодарејќи на „вишокот на лојалност“, да не речам полтронство кон одредени политички субјекти, дебело се збогатиле, постанале моќни, угледни или влијателни луѓе, ама за нивна жал, тоа не траело долго. Политичките околности се варијабилни, политичките партии се менливи, особено во плурализмот, и наместо да се борат за подобро на граѓаните и напредок на земјата, тие се напријателски расположени и се јадат како кучиња меѓу себе натпреварувајќи се кој повеќе ќе го уништи „непријателот“ – политичкиот опонент или конкурент и кој повеќе ќе украде од државата, од продажбата на нејзините природни ресурси и од парите кои на разни начини влегуваат од другите земји и меѓународни финансиски институции преку разните фондови и т.н. Во Македонија тоа се двете најголеми партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Сите други партии на помалубројните етнички заедници се нивни трабанти и како сателити се вртат околу нив, во зависност од тоа која од нив е на власт, а со тоа таму се вртат парите,силата и моќта. Во тие немилосрдни и недемократски пресметки на овие два блока некои „итреци“ од помалубријните заедници успеваат навреме да го фатат последниот воз и експресно да преминат во победничкиот табор и да си ја спасат кожата, некои не. Сведоци сме сите колку од поранешните „лидери“ и моќници на ситните партии „лојални“ и послушни на Груевски, сега се „лојални“ и послушни на Заев! Но, исто така сведоци сме како и колку скапо сето тоа го „плати“ и како помина Велија Рамкоски! Тој беше меѓу најмоќните и најбогатите луѓе во Македонија. сопственик на повеќе моќни фирми и развиени бизниси. Дури и на свои медиуми и влијателен тв. бренд како Тв. „А.1.“, ама немаше кој да го заштити. Никаков отпор, никаков бунт. А што можеше да се очекува од „меките, газени и контролирани“ Торбеши? Згора на тоа исплашени, кротки и разединети! Полни со комплекси, а многу од нив Бога ми и поткупливи и корумпирани! Многу од нив како сончогледи се свртеа и како крлежи се упикаа во ВМРО кај Груевски, кога тој направи специјален фонд за да ги деторбешизира, за да ги одроди Торбешите, создавајќи свои партиски јадра по торбешките села. И да не излезеа на видело криминалите на Груевски, „бомбите“, притисокот на т.н „меѓународна заедница“ и особено притисокот на амбасадата од Скопското кале, огромен број Торбеши ќе беа во прегратката на Груевски како овците во прегратката на волкот. Но се случија нови избори на кои пак победи Груевски, ама од познатите причини Влада направи Заев. Во почетокот тенка, лабава и нестабилна а покасно кога голем број пратеници од помалубројните заедници вклучувајќи ги и Торбешите, дури и шест мина од неговите „комити“; од прегратката на Груевски се сместија во скутот на Заев, неговата Влада стана постабилна.

Тогаш, како претседател на „Румелија“, добивав многу прашања, како „За кого да гласаме ние, Торбешите“ и „Кој ќе победи на изборите“. Тогаш, во неможност да одговарам поединечно, напишав едно „Обраќање до Торбешите во Македонија“. Тогаш на Торбешите им препорачав да не гласаат за оние партии кои сакаат „името да ни се реси“, да не ни се споменува, да не нема, а напишав дека „не знам кој ќе победи, ама знам дека Македонија ќе загуби“! За жал, се испостави дека сум бил во право! Пеи остана со еден пратеник кој не се прослави. Ниту еднаш не најде за сходно, барем да го спомне името Торбеш, а „се прослави“ и стана рекордер по инкасирање пари за патни трошоци! Но она што е уште потрагично, Македонија наместо да излезе од криза, вртоглаво тоне во се поголема криза. Наместо искоренување на криминалите, се појавија нови криминали, поткупи, рекети и тн., и тоа токму од тие што требаа да го сопрат криминалот. СЈО и Катица Јанева на пример. Бројчаникот кој така триумфално го постави премиерот Заев на „Триумфалната капија“ кој требаше да брои вратени пари од криминалните дејанија, не проработи… и да не набројувам.

Дојдоа и поминаа и новите избори. Видовме као поминаа. Сите, освен ДУИ и Алтернатива во коалиција со Алијансата на Албанците, со смален број на пратеници, Торбешите буквално изчезнаа од Парламентот и од политичката карта, иако се трети според бројот на население, а Македонија е во уште поголема криза. Џабе НАТО, џабе ЕУ, ако внатре ни е расипана работата. А нас ни е расипана и тоа многу. Немаме лидери, со поштење, чесност, храброст, знаење, демократски капацитети и други доблести. Македонија и натаму останува поделено општество, бинационална држава, а јазот се зголемува. Ниту „Можеме“ „Едно општество за сите“, ниту можеме да направиме „Обнова на Македонија“, ниту со Заев, ниту со Мицкоски, ниту со „Албанец за премиер“(Насер Зибери), вака рскарани и до уништување спремни, разтрчани по белосветските центри на моќ и коленичејќи во Амбасадата на САД на Кале, а запоставувајќи ги своите граѓани, од немакедонските и неалбанските заедници, особено Торбешите кои се, ем една од нај автентичните, најлојалните заедници, ем трета, според бојот на население, ем дале големи и славни државници и визионери на кои овие можат „вода да им носат“!

Имало многу такви торбешки великани, но овде сакам да ги спомнам само тројца. Првиот е Мехмедалија од Лабуништа, попознат како Мехмед Али паша Кавалали, кој бил основач на модерниот Египет и чија кралска династија владеела од 1804 год., се до последниот крал Фарук кој бил симнат од претстолот во 1953 год. во револуцијата на Насер. Вториот е Мустафа Кемал од Голо Брдо, попознат како Ататурк, кој успеал од рушевините на големото и славно Османско царство да ја создаде модерната и силна Турција. И третиот е Енвар Патровци, помалу пазнат Торбеш од Преспа, за кого нешто повеќе пишува познатиот писател и академик Божин Павловски во својот роман „Подвижни гробови“. Енвер, пред Балканските војни, се обидел да создаде војска за да ја спаси Македонија од асимилаторските апетити и аспирации на соседите и од штетните влијанија на големите сили во тоа време. Наместо подршка за тоа, тој наишол на потсмев, подбивност, негодување и не прифаѓање на неговата идеја. Изговорот бил: „Ех, еден Торбеш ќе ја спасува Македонија!“ Набргу потоа, со Букурешкиот договор, во 1913 год. Македонија била поделена! Мислам дека Македонија и сега се наоѓа во слична состојба и мислам, колку тоа некому да му звучи претенциозно, невозможно, смешно, сулудо и утопистички, дека само Торбеш може да ја спаси Македонија од некоја нова поделба и од тие причини, предлагам Торбеш за премиер на Македонија!