ВАРШАВА (АА) – Полскиот министер за правда денес соопшти дека земјата ќе започне повлекување од Европскиот договор за борба против насилството врз жените заради неговата идеолошка природа, јавува Агенција Анадолија (АА).

Министерот за правда, Збигњев Зиобро, изјави дека законите на Полска ги исполнуваат сите стандарди на Истанбулската конвенција за заштита на жените од насилство и осигурување на безбедноста на жртвите на семејно насилство, и додаде дека утре Министерството за правда ќе даде предлог до Министерството за семејство, труд и социјална политика за повлекување на Полска од договорот.

Нагласувајќи дека Конвенцијата има „идеолошка природа“, Зиобро рече дека таа настојува да изгради „социокултурен пол против биолошкиот пол“, што, како што рече, е неприфатливо и штетно за Полска.

Министерот истакна дека некои точки од Конвенцијата предвидуваат едукација на деца и млади за формирање хомосексуални семејства, и дека Полска е против тоа.

„Ова е пристап во најголем дел поддржан од левичарските и од хомосексуалните средини“, рече тој.

Додаде дека има луѓе кои велат дека спротивставувањето на Истанбулската конвенција значи да се биде против заштитата на жртвите, што го нарече чиста лага.

Марлена Малаг, полската министерка за семејство, труд и социјална политика, минатата недела најави дека Полска се подготвува да се повлече од договорот, додека оние што ја поддржуваат конвенцијата одржуваа собири како реакција на најавата.

Турција беше првата земја што ја ратификуваше Конвенцијата на Советот на Европа донесена во 2011 година во Истанбул, додека Полска ја ратификуваше во 2015 година.

Како прв меѓународен инструмент кој постави сеопфатни и правно обврзувачки стандарди за да се спречи родовото базирано насилство, да ги заштити жртвите и да ги казни сторителите, го карактеризира насилството врз жените како кршење на човековите права и како форма на дискриминација.

Иако ЕУ и земјите членки го потпишаа договорот, дел од нив, како Бугарија, Чешка, Унгарија, Литванија, Латвија и Словачка, допрва треба да го ратификуваат документот.

Anadolu