Турската хуманитарна организација предводена од Управата за верски работи на Турција (Дијанет) ќе подели курбанско месо за речиси 20 милиони луѓе во светот на кои тоа им е потребно за време на муслиманскиот празник Курбан бајрам, јавува Агенција Анадолија (АА).

Заменик-претседателот на Одборот на доверители на Турската фондација „Дијанет“ (TDV), Ихсан Ачик, за АА изјави дека ќе заколат курбани и ќе достават курбанско месо низ Турција, како и во 287 региони во 75 земји.

„Нашиот народ има доверба во нашата фондација и ни ги донира своите жртвени животни. Ќе заколеме курбани кои ни се доверени нам во Турција и странство и ќе ги доставиме на оние кои имаат потреба од тоа“, рече Ачик.

„Добротворната организација бележи пораст од 25 отсто на 30 отсто во донациите оваа година во однос на претходните години“, рече Ачик, додавајќи дека тоа најмногу се должи на пандемијата на Ковид-19, бидејќи луѓето избираат да донираат во добротворни цели, наместо сами да го извршуваат ритуалот.

На празникот Курбан бајрам, муслиманите низ светот кои можат да си дозволат да заколат курбан, го прават тоа и најголем дел од курбанското месо го доставуваат до нивните роднини, соседи и луѓето кои имаат потреба од тоа.

– Единство и солидарност –

„Како дел од прославувањето на муслиманскиот празник Курбан бајрам оваа година имаме за цел да им помогнеме на угнетените, на оние кои имаат потреба од помош и барателите на азил во нашата земја и надвор од неа“, додаде Ачик.

Осврнувајќи се на ограничувањата поради коронавирусот, Ачик рече дека турскиот народ секогаш можел да ги надмине тешките денови со единство и солидарност.

„Се надевам дека ќе ги надминеме тешкотиите предизвикани од пандемијата на овој начин.“

Ачик изјави дека невладините организации воспоставиле мост меѓу оние кои помагаат и оние на кои им е потребна помош за време на пандемијата на Ковид-19, со одредување на потребите на луѓето.

Во помошта со доставување на курбанско место приоритет ќе имаат луѓето над 65 години, луѓето без работа и луѓето со ограничени приходи.

Фондацијата одреди 975 турски лири (околу 140 долари) за животните кои ќе бидат заклани во Турција и 825 турски лири (околу 120 долари) за животните заклани во странство.

Оние што сакаат да донираат можат да се пријават во над 1.000 филијали на ТДВ во Турција, како и да контактираат со советниците, канцелариите на аташеата и верските службеници во странство.

Основана во 1975 година, Турската фондација „Дијанет“ (TDV) е добротворна организација која работи во широк спектар на области што опфаќаат образование, култура, социјални, религиозни услуги до активности за меѓународна помош со своите 1.003 филијали во 149 различни земји низ целиот свет.

Anadolu