ВАШИНГТОН (АА) – Американскиот претседател, Доналд Трамп, изјави дека сè уште не донеле одлука за забрана на кинеската апликација на социјалната мрежа „ТикТок“, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Трамп пред да замине за сојузната држава Тексас, во Белата куќа, заедно со министерот за финансии Стивен Мнучин даде изјава за медиумите.

„Ние го разгледуваме ова прашање. Размислуваме да донесеме одлука за ова прашање“, рече Трамп одговарајќи на прашањата дали „ТикТок“ ќе биде забранет во САД поради неговата поврзаност со кинеската Влада.

Трамп додаде дека одблиску ќе ја следи сесијата во Претставничкиот дом на САД каде што ќе учествуваат високите менаџери на „Фејсбук“, „Амазон“, „Епл“ и „Гугл“.

Истакнувајќи дека работат на ова прашање, министерот за финансии Мнучин рече: „Оваа недела за „ТикТок“ ќе му претставиме предлог на Трамп. Имаме неколку различни опции.“

– „Германија имаше корист од нас“ –

Доналд Трамп во врска со одлуката на САД да повлече скоро 12.000 војници од Германија, рече дека Германија е немарна во врска со одвојувањето за НАТО. „Германија со години има корист од нас и нашите војници. Сега ги повлекуваме нашите војници. Тие ќе започнат да плаќаат.“

Наведувајќи дека САД е земја која троши најмногу пари за одбрана на НАТО, Трамп истакна дека исплатата од другите земји треба да биде 4 проценти наместо 2 проценти.

Тој во однос на тврдењата дека Русија ги плаќа талибанците да убиваат американски војници во Авганистан рече: „Многумина велат дека ова тврдење не е точно, но ако Русија навистина го прави тоа, би бил многу лут.“

Посочувајќи дека Русија „изгуби богатство и многу луѓе“ во интервенцијата во Авганистан, Трамп рече дека ако тврдењата за понудата на пари се реални, САД ќе го дадат потребниот одговор. „Претходно никој не бил како мене остар за прашањата поврзани со Русија, Кина или Иран“, нагласи Трамп.

Anadolu