Комисијата за заразни болести прифатила да го разгледа барањето на Независната угостителска комора (НУК) и на Здружението на естрадни уметници (ЗЕУМ) за укинување на забраната за организирање на музички настани во угостителските објекти. НУК и ЗЕУМ очекуваат тоа да се случи уште утре.

Нивни претставници, како што соопшти НУК, претпладнево имале работна средба со Комисијата во Министерство за здравство, на која го образложиле барањето. Притоа е договорено, досегашната точка 13 од Протоколот која вели: „Забрането организирање музички настани во отворен и затворен дел од објектот“ да се смени и да гласи: „Се дозволува музички настап на естрадни уметници во угостителски објекти на посебно издвоено место во угостителски објект со најмало растојание од два метра на естрадните уметници од најблиските маси во сите правци“.

Согласно оваа нова точка, забрането е рашетување на естраднот уметник за време на настап по гости и во угостителски објект. Естрадните уметници заедно со угостителите имаат обврска на секој настап да ја држат под контрола ситуацијата со гостите и да не дозволат во ниеден момент да дојде до појава на неконтролирана ситуација.

„Комисијата за заразни болести прифати да го разгледа барањето на НУК и ЗЕУМ и да дозволи настап на естрадни уметници во угостителските обвјекти. НУК и ЗЕУМ очекуваат од утре да се укине постојната точка 13 и да се замени со новата. Со промената на оваа точка им се овозможува на угостителските објекти да ги поддржат естрадните уметници да имаат свои настапи согласно протоколите за работа во угостителски објекти при што имаат обврска заедно со гостите максимално да ги почитуваат и применуваат важечките протоколи за заштита на јавното здравје“, наведува НУК.

ЗЕУМ и НУК, како што се додава во соопштението, во целост ќе го поддржат Државниот пазарен инспекторат да ги казни сите кои нема да се придржуваат до препораките и протоколите за работа во случај на настап на естрадни уметници во угостителски објекти за да се избегне етикетирања на сите останати кои максимално вложуваат во реализацијата на овие настапи организирани и одржани согласно новите важечки протоколи.

НУК и ЗЕУМ воедно упатуваат апел до сите естрадни уметници кои би биле сведоци дека угостителите не можат да ги спроведат своите обврски согласно протоколите и препораките, да ги откажат гостувањата и настапите во интерес на заштита на сопственото и на јавното здравје на гостите и останатите угостителски работници.

NovaTV