Колумна на Бојчески: ИЗБИРАЊЕ  НА  СЕЛСКИОТ  ПОЛЈАК (ИЌАЕ 2)

0

Ех, какви не случувања имало по моите горнодримколски села. Случки кои во исто време ќе те насмеат, расположат, но и ќе ти дадат посебна мудрост во животот. Некои од тие малечки случки всушност ја опишувале целокупната историја, критикувале сегашноста или ја претскажувале иднината.

Таква била и ова случка која ќе ја пренесам дирекно, изворно, без никакви додавки и придавки,зошто така најдобро се разбира.

Во лабунишкото поле многу почнало да се краде (се крадело ореви, јаболка, сливи, грав и ред други работи). Турското време кога играл камшикот или југословенското време кога ,, стравот лојзето го чува,, било завршено. Сега се било оставено на чесно однесување на селаните а Полјак немало.

Но полјак во тоа време па и сега, е тешка работа, треба да се чува селскиот (државниот) атар, да се заштитат нивите, да нема крадење, влегување во туѓо. За тоа треба да се најде одговорен човек, без страв, чесен и поштен, што ќе може да го сопре секого без колебање.

Селаните седнати пред кооперациите и чајџилниците одлучуваат дека мора да се постави полјак кој ќе го чува полето, и размислувале – овој?, оној? Но никако да се најде полјак според карактеристиките па затоа оставиле некој сам да се пријави како доброволец на состанокот.

Дури и селскиот тапан го означил денот и часот кога народот треба да се собере во месната заедница за да се најде и одбере полјак.

На денот на одбирањето, салата на месната заедница била преполна нe затоа што некој сакал да биде изберен за полјак туку да видат, да разберат, да го одржуваат нивниот ведар и интересно дух на шала со иќаиња и меселиња.

После јасниот и изречит говор на претседателот на месната заедница веднаш следело повикот кој бил краток, гласен и заповеден –

,, Кој сакат да бидит полјак,,?

Во салата молк.

Повторно повик ,, Кој сакат да бидит полјак,,!

И повторно молк и секој во секого поглед.

Гледајќи дека можеби никој нема да се пријави, претседателот сега во молбен глас повикал ,, кој сака да биде полјак?!

Во затишјето од од задните редици еден од луѓето ја кренал својата рака и извикал

,, Ја ре дајче,, ,, ја сакам да сум полјак,,   (дајче-вујко)

Претседателот во неверување  ја кренал раката и ја поставил на челото како да гледа на далечина и извикал

,, Меселе мече меселе, а ќе да вида која е?

Човекот истапил и повторно сигурно одговорил ,, ја ре дајче, ја можа полјак,,

Претседателот се насмеал, и со позната лабунишка мудрост рекол-

Абе мие ради тебе полјак редиме, ти полјак сакаш да бидеш?!

Автор:Др.Оливер Бојчески