Блед: Средба Јанша – Помпео, Многу можности за понатамошно јакнење на трговијата и вложувањата со САД

0

Американскиот државен секретар Мајк Помпео, за време на денешната посета на Република Словенија на Блед се состана со словенечкиот премиер Јанез Јанша и словенечккиот министер за надворешни работи, Анже Логар, јавува Агенција Анадолија (АА).

По средбата со американскиот државен секретар Помпео, словенечкиот премиер Јанез Јанша изјави дека за време на Студената војна се верувало дека најголема опасност се нуклеарниот судир и уништувањето на планетата.

„Денес постојат уште посложени закани, имено, комбинирана употреба на кибер и биолошко оружје, електромагнетски удари и употреба на конвенционални војски“, наведе Јанша.

Тој истакна дека постојат многу можности за понатамошно јакнење на трговијата и вложувањата со САД.

„Словенија има доста добри компании од областа на ИТ кои исто така можат да учествуваат во понатамошниот развој на технологиите поврзани со содржина, а кои денеска ги потпишавме во заедничката изјава за 5Г“, наведе Јанша.

Тој истакна дека во последните месеци Словенија направила одредени чекори врз основа на кои ќе го стори сето она што владите го ветиле од 2014 година во поглед на исполнувањето на нејзините обврски.

Во време кога светот сѐ уште е соочен со пандемијата на Ковид-19, американскиот државен секретар Мајк Помпео зборуваше за искуството на Словенија и САД во борбата против оваа болест.

„Ние, Словенците, сме благодарни на САД на двојната одбрана и спасувањето на нашиот стар континент во изминатиот век, прво против опасноста од ужасите на нацизмот, а потоа и против тиранијата на комунизмот“, наведе Јанша.

Инаку, нешто порано, словенечкиот министер за надворешни работи, д-р Анже Логар и американскиот државен секретар Помпео потпишаа заедничка изјава на Словенија и САД за безбедноста на мрежата 5Г.

„Словенија и САД се согласуваат дека воспоставувањето на динамичен и еластичен 5Г екосостав бара темелна проценка на добавувачите и ланците на снабдување и строго придржување на начелата на владеењето на законот, безбедносно опкружување, етичка практика и почитување на добавувачите на безбедносни стандарди и најдобри практики“, стои во документот.

Изјавата, како што се наведува, покажува колку двете земји придаваат значење на исполнувањето на обврските кои челниците на државите и Владата на НАТО ги презедоа во Лондонската декларација од декември 2019 година и се обврзаа дека ќе обезбедат сигурност на меѓусебните комуникации, вклучувајќи ја 5Г-технологијата, која мора да се заснова на безбедни и отпорни системи.

Потпишувањето на заедничката изјава, исто така, како што е нагласено, е во согласност со моменталните напори во ЕУ.

Денешниот потпис, се нагласува од Министерството за надворешни работи на Словенија, е потврда за словенечките напори за јакнење на кибербезбедноста на земјата во текот на последните години.

Кибербезбедноста е истакната во Резолуцијата за стратегијата на националната безбедност (2019) и се споменува и во Белата книга за одбрана објавена во јануари 2020 година. Во тек е последната фаза од интеграцијата на Словенија во Центарот за извонредност на киберодбрана на НАТО во Талин.