Револт во скопските ограноци на ДУИ по изборот на Бујар Османи и Артан Груби

0

Револт во партиските структури на ДУИ од скопските ограноци по кандидатурите за министри на Артан Груби и Бујар Османи, објавија дел од албанските медиуми. Поради тоа, скопските ограноци на ДУИ, Сарај и Чаир не учествуваа на синоќешниот состанокот на Централниот совет.

Груби е предложен за прв вицепремиер, додека Бујар Османи оди во Министерството за надворешни работи, но сепак дел од членовите и партиските функционери негодувале и за тоа што повторно исти луѓе добиваат шанси, дури имало реакција и за Фатмир Бесими кој е предложен за министер за финансии, додека неговиот брат Флорин Бесими веќе е избран за пратеник.

„Ако Артан Груби и Бујар Османи имаат политичка совест и морал и ако ги почитуваат гласачите на Скопје, треба да си дадат оставки. Незадоволството и реакциите се големи и бројни, од структурата и од партиските активисти. Ова сериозно му штети на ДУИ и ги демотивира политичките активисти во Скопје. Оние што ја спроведоа изборната активност и кои беа избрани не беа земени предвид за консултации. ДУИ-Чаир и ДУИ-Сарај ги повикуваат Груби и Османи да ги почитуваат гласачите и политичките активисти да рефлектираат и да ги одбијат овие функции“, велат извори од скопскиот огранок на ДУИ за албанските медиуми.

Еден од поранешните каманданти на ОНА и близок соработник на Изет Меџити, Џемаил Ламалари алијас Барути на неговиот профил на Фејсбук напишал дека не може некој да стане министер без да бидат прашани Албанците и без да се праша домаќинот во Скопје.

Носител на листа во првата Изборната единица беше Изет Меџити, а после него беше Арбен Зибери, каде ДУИ собра 19.600 гласови, додека на ниво на Скопје ДУИ освои вкупно 30 000 гласови.

Извор:НоваТВ