Кој профитира од тестовите за Ковид

0

Приватните лаборатории од почетокот на пендемијата до денес направиле 52 243 тестирања на Ковид-19, покажуваат официјалните податоци од Министерството за здравство.  Тоа се 40 проценти од вкупно направените тестови во државата. Со тоа приватните лаборатории заработиле околу 3, 5  милиони евра, пресметано по цена која важи од 27 април годинава. Ако на тоа се додадат и брзите тестови кои се три пати поскапи, како и серолошките, сумата ќе биде многу поголема.

И додека многу фирми, компании, туристички агенции ги бројат загубите и пропаѓаат, пандемијата со коринавирусот на многу приватни болници и лаборатории им овозможи да профитираат многу брзо.

Државата не направи единствени цени за сите лаборатории и сега „блештат“ реклами кој од нив каква цена ќе понуди, се рекламираат временски ограничени попусти за да се привлечат што повеќе клиенти,  а цената зависи од брзината на изработката на тестот.

Така за граѓаните се нудат цени за ПСР тестови од 3950 до 12 000 денари.

 

Министерството за здравство на почеток на пандемијата им дозволи на неколку лаборатории(Авицена, Жан Митрев клиника, Аџибадем Систина и Биотек) да прават тестови бидејќи, како што рекоа, капацитетите на јавното здравство не беа доволни. Подоцна се прошири тестирањето и во МАНУ и на Судска медицина кои прават мал број на тестови за Ковид-19, за разлика од приватните.

Но, трката за што повеќе тестови продолжува, а бројот на направени тестови се евидентира и во извештаите од Министерството за здравство. Така во последниот извештај од направени 1653 тестови, 978 се од приватните лаборатории кои работат со дозвола од Министерството за здравство.

Колку од лабораториите немаат дозвола од Комисијата во Министерството за здравство и нивните тестови не се евидентираат никаде, не е познато. Но, очигледно постојат. Една од тие е очигледно и оваа лабораторија која не се наоѓа на листата од ресорното министерство.

Иако на почетокот приватните лаборатории започнаа да тестираат со пониски цени, во моментот кога ФЗО се обиде да ги намали цените во јавните лаборатории на 3600 денари(тие изнесуваа  5500 денари по ПСР тест, цена непроменета од 2013 година), се случи дебакл.

ФЗО во последен момент ја повлече оваа цена, како што рекоа„заради јавно достапните информации дека оваа услуга се наплаќа по 1500 денари во приватните лаборатории и веднаш ја сменија одлуката за цената на ПСР тест преку ФЗО за јавните здравствени установи да биде 1500 денари. Истиот момент приватните лабораториии ја зголемија цената на 3950 денари, што е повеќе од 2 и пол пати повисока цена.

Ниту една приватна лабораторија нема склучено договор со Фондот за здравство и услугите граѓаните ги плаќаат приватно.

“Од Фондот за здравствено осигурување не информираа дека немаат склучено договор со ниту една приватна лабораторија за тестирање од Ковид-19. Од приватните здравствени установи – Авицена, Биотек, Жан Митрев и Систина прават тестирање за коронавирус.

Министерството за здравство, секој ден во дневниот извештај известува со статистика од резултатите од тестирањето и од овие приватни установи“, велат за НОВА од Министерството за здравство.

Информацијата дека немаат склучено договор со ниту една приватна лабораторија ја потврдија од ФЗО, уште во април и при тоа нагласија дека одлуката да се вклучат и приватните со тестови е на Министерството за здравство.

Дали ФЗО не сака да ги купува нивните услуги или тие не сакаат договор со Фондот, не е познато. Но, во случајот е поважно дали станува збор за стратегиска одлука или некаков план за да не се оптовари здравствената каса, што пак, се одрази по џебот на граѓаните. Како и да е, од Ковид тестовите очигледно е дека профитираат приватните здравствени установи.

Реалната, набавната цена на ПСР тестовите неофицијално, се движи од 10 до 20, најмногу до 25 евра. Значи, надлежните во здравството процениле дека на јавните лаборатории им е исплатливо да тестираат по цена од 1500 денари, а приватните да си формираат цени и тоа да го прават по два и пол пати повисока цена, притоа земаат голем дел од колачот во време на пандемија и криза со Ковид.

НОВА праша тројца експерти дали треба ли да има единствени цени на ПСР  тестовите во сите лаборатории во државата. Дали државата треба да ја превземе контролата над тестирањата за Ковид. Каде затаи солидарноста.

Микробиологот и поранешен директор на ФЗО, професорот Никола Пановски смета дека државата треба да ја има целосната контрола врз тестовите.

„Во време на пандемија не може да им се дозволи приватните лаборатории да профитираат на сметка на граѓаните. Требаше цела контрола да ја има државата, да има фиксни цени. Кој од приватните лаборатории нема да сакаат да работат по тие цени, да не им се дозволи да вршат тестирања“, вели за НОВА, микробиологот проф.д-р. Никола Пановски.

проф.д-р.Никола Пановски микробиолог

Тој смета дека со тестирањата во приватните лаборатории има доста непознаници, како следењето на контактите, на пример. А, вели и дека големиот број на тестирања што доаѓаат од таму веројатно се од здрави луѓе кои најчесто сакаат да патуваат во странство и тој зголемен број на тестови вештачки го намалува процентот на заболени иако бројот на заболени е речиси константно ист.

Се поставува прашањето зошто граѓаните одат во приватни лаборатори да се тестираат. Доколку е од грижа за личното здравје, без потврдeни симптоми, тогаш тоа не е легитимен начин да се правдаат тие трошоци на фондот, смета Сара Чаушевиќ, докторант на отсекот за глобално јавно здравство на Каролинска институт во Стокхолм,  Шведска.

„Доколку Фондот за здравство тие услуги ги купил и во јавните и во приватните институции, мора да се утврди единствена цена со пропратен алгортам кој нема да подржува непотребна капитација. Единствена цена поставена од Фондот мора да биде доволна да се покријат сите потреби на системот и исто така да постои можност да се пружи услуга на граѓаните на кои таа им е неопходна.

Во овој момент профитот треба да ни е на последно место, а повеке треба да размислуваме за солидарност и како да ја надминеме оваа состојба во која сите се наоѓаме глобално“, изјави за НОВА Сара Чаушевиќ, докторант по глобално јавно здравство на Каролинска институт во Стокхолм.

Сара Чаушевиќ, докторант по глобално јавно здравство на Каролинска институт

Таа смета дека дека фискалните можности на државата се веќе намалени и не можеме да дозволиме дополнителни стимулации. Затоа  вели, од голема важност е средствата да се користат рационално.

На Македонија и е потребна централизирана, фокусирана, реалистична и оддржлива стратегија за тестирање на Ковид-19.  Министерството за здравство треба да има контрола врз тоа колку, кој, како и каде ќе се тестира, а државата да ги покрие трошоците за тоа, дециден е  Харис Бабачиќ, лекар-истражувач, докторант на протоеомика и протогеномика на карцином, на Каролинска институт во Стокхолм, кој магистрирал епидемиологија во Германија.

„ За здравствениот менаџмент да има целосен увид во процесот, тестирањето треба да биде по индикација од лекари, кои треба да се обучени и по протокол да одлучуваат кој треба да се тестира, да го интерпретираат наодот и да го упатат пациентот на натамошни чекори.

Видовме дека системот има потешкотии заради несоздадена инфраструктура на тестирање, што мислам дека се должи на недоволното искористување на капацитетите кои државните установи, како што е на пример Медицинскиот Факултет во Скопје, можат да ги обезбедат“, изјави за НОВА, Бабачиќ.

Харис Бабачиќ, лекар истражувач, докторант на Каролинска институт

Тој смета дека за поздравување е одлуката да се укинат двојните тестови за утврдување на негативен статус по двонеделна изолација, за кои вели дека “беспотребно го гушеа системот за тестирање“. Нагласува дека е неопходна централизирана стратегија која максимално ќе ги искористи сите ресурси имајќи ги примарно најранливите во фокус.

И додека во повеќето земји од ЕУ и САД тестирањето за Ковид -10 е бесплатно, во земјите од Балканот, вклучувајќи ја и нашата држава постои натпревар за профит и брза заработувачка на сметка на граѓаните.

За тоа време, Европската комисија работи на стандардизација на тестовите, на референтни методи и лаборатории и на солидарност меѓу државите членки на Унијата, како и на давање насоки како ќе се одвива стратегијата понатаму. Додека кај нас не се знае кои тестови од каде потекнуваат, колку се квалитетни, а граѓаните не знаат за што плаќаат огромни суми, во ЕУ, за комерцијалните тестови за Ковид-19 се чека на стручна резенција од експертите во оваа област.

Извор:НоваТВ