Нов Зеланд ќе ги укине рестрикциите воведени со цел спречување на ширење на коронавирусот на 21 септември низ целата земја, освен во Оукланд, кој е епицентар на вториот бран на заразата, соопшти денеска премиерката Џасинда Ардерн.

Таа рече дека ограничувањата во Оукланд ќе бидат разгледани следниот понеделник, но и дека Владата веднаш ќе ги ублажи сите физички растојанија во авионите, што ќе и помогне на националната авиокомпанија Ер Њу Зеланд, која со месеци го ограничува бројот на патници на летовите.

– Знам дека оваа промена ќе и значи на авиокомпанијата и оние делови од земјата на кои им требаат повеќе посетители, рече таа на прес-конференција, додавајќи дека маските сепак ќе бидат задолжителни во јавниот превоз.

Нов Зеланд многу успешно се избори со првиот бран на коронавирусот, но најновото зголемување на бројот на пациенти, особено во Оукланд, влијаеше на Владата да ја врати мерката за карантин.

На Нов Зеланд денеска е регистриран еден нов случај на коронавирус, со што вкупниот број на заразени се искачи на 1.447, додека 24 лица починаа од почетокот на пандемијата.

TV21