КУДС (АА) – Израел донесе одлука за рушење на џамија во населбата Силван, во окупираниот Источен Ерусалим, со образложение дека била изградена без дозвола, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Според информациите добиени од локалните извори, дадени се инструкции за рушење на џамијата „Бин Амр“ изградена во 2011 година во населбата Силван, што се наоѓа јужно од џамијата „Ал Акса“.

Израелската администрација тврди дека џамијата била изградена без дозвола, што го дава како образложение за рушењето на оваа џамија.

Жителите на оваа населба имаат рок од 21 ден да најдат правно решение со барање да се спречи рушењето.

Израелската администрација, исто така, и во 2015 година донесе одлука за рушење на оваа двокатна џамија, но не ја изврши.

Населбата Силван е меѓу најважните цели на еврејските здруженија кои работат во насока на јудаизација на Источен Кудс (Источен Ерусалим). Се вели дека овие здруженија, кои имаат за цел купување на куќите на Палестинците во Силван, тајно се поддржувани од страна на израелската администрација.

Куќите на Палестинците во оваа населба, што се наоѓа во близина на џамијата „Ал Акса“, одвреме-навреме се рушени од Израел со образложение дека немаат дозвола за изградба.

Израел користи различни образложенија со цел да ги отстрани Палестинците од Силван, и има за цел да ги премести еврејските доселеници во оваа населба.

Anadolu