ПАРИЗ (АА) – Марин Ле Пен, лидерката на екстремно десничарската Партија на националното единство во Франција, во врска со зборовите на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган кон францускиот претседател Емануел Макрон, истакна дека и покрај бројните несогласувања за многу прашања со Макрон таа стои зад него, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Ле Пен во изјавата за телевизијата LCI рече дека „заканите“ на Ердоган кон Макрон всушност биле насочени кон Франција.

„И покрај тоа што имаме милиони прашања за кои не можеме да се согласиме со Макрон, со решителност стојам зад Емануел Макрон во однос на тие закани“, нагласи Марин Ле Пен.

Макрон, на самитот на земји од Јужна Европа членки на Европската Унија (ЕУ), одржан на островот Корзика на 10 септември истакна: „Турција ги зголемува провокациите и тоа не ѝ доликува на оваа голема земја. Турскиот народ е голем народ и заслужува други работи. Ние, Европејците, треба да бидеме отворени и силни против Владата на Ердоган, а не против турскиот народ. Владата на Ердоган има неприфатливо однесување.“

Претседателот Ердоган, во однос на зборовите на Макрон, истакна: „Не сакам да му го споменувам името, но морам да го споменам, бидејќи тој многу се занимава со мене. Што е тоа? Тој вели ‘Имаме проблеми со Ердоган, не со турската нација‘. Господине Макрон, уште многу маки ќе имаш ти со мене. Не ја знаеш историјата. Не ја знаеш ниту историјата на Франција. Затоа, не се занимавај со турскиот народ и не се занимавај со Турција. Не можете вие да ни држите предавања за човечноста.“

Anadolu