Премиерот на Албанија, Еди Рама, учествуваше на конференцијата што се одржа во Атина, посветена на иднината на Западен Балкан, управувањето со ситуацијата во време на пандемијата на новиот тип коронавирус (Ковид-19), како и други прашања, при што во својот говор се фокусираше на европската перспектива на регионот, односите Албанија – Грција, но и на односите меѓу Турција и Грција, јавува Агенција Анадолија (АА).

Премиерот Рама на конференцијата во Атина истакна дека Турција е клучна за безбедноста на Европа и рече дека Албанија е во стратешко партнерство со Грција и Турција.

„Единствената алтернатива е да се биде дел од Европската Унија“

Рама во својот говор на конференцијата, на која присуствуваа високи претставници на другите балкански земји, меѓу кои и премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, рече дека Албанија и сите земји во регионот на Западен Балкан се наоѓаат во многу важен историски момент.

„Ние немаме друга алтернатива. Единствената алтернатива е да бидеме дел од Европската Унија, не затоа што тоа го сакаат нашите најголеми и најсилни пријатели, туку затоа што тоа е барање на нашите деца, на идните генерации“, рече Рама во неговиот говор објавен на социјалните мрежи.

„На Западен Балкан веќе долго време сме вклучени во соработка, помирување и мислам дека иако има прашања како што се прашањето за Косово, непризнавањето од страна на Србија, ние бевме во можност да седнеме и заедно да разговараме за нашата иднина“, рече Рама, додавајќи дека ова е посебен период затоа што сите се погодени од пандемијата на Ковид-19.

Премиерот на Албанија се осврна и на Преспанскиот договор што го постигнаа Северна Македонија и Грција.

„Верувам дека има потенцијал за ослободување и движење напред со затворање на празнините од минатото. Мислам дека добрата вест е дека споровите можат да се решат заедно и дијалогот е единствениот инструмент. Можам да споменам еден од најневообичаените примери за ова време, а тоа е решението што се постигна преку дијалогот меѓу Грција и Северна Македонија“, рече Рама и додаде дека тоа е од историско значење и е поука за сите.

По поздравниот говор на конференцијата, одговарајќи на прашањата на панелот, Рама зборуваше и за напредокот на односите со Грција, прашањето за можни преговори за отворените прашања меѓу Албанија и Грција, но и за односите меѓу Турција и Грција.

„Јас сум многу уверен дека сме на добар пат. Развивме интензивен дијалог со претходната влада (Владата на Грција) за пакет прашања што треба да се решат, бидејќи тие одеднаш се претвораат во жешки прашања во огнот на локалната политика“, изјави Рама и додаде:

„Наш предизвик е да ја направиме политиката меѓу двете земји добра и одлична како и човечките односи. Она што го разбирам од грчките пријатели и она што го гледам меѓу албанските сограѓани е дека нема негативно чувство или огорченост кај луѓето, туку сосема спротивното.“

Во врска со развојот на односите меѓу Албанија и Грција, премиерот Рама рече: „Јас сум апсолутно уверен дека со новата влада тука сме во вистинската насока и имаме сè што е потребно за да се реши не само ова, туку и сите преостанати работи.“

Во својот говор, меѓу останатото, Рама рече дека има многу „едноставна идеја“ што ја презентирал претходно и изрази силно уверување дека веднаш штом ќе се постигне договор за ова.

„Кога станува збор за поморските области, можеме да го решиме прашањето со помош на други, што значи преку трета страна што ни помага пријателски или уште подобро преку меѓународните судови. Ова може да биде фер и објективно“, рече Рама.

„Турција е клучна за безбедноста на Европа“

Рама рече дека Албанија е во стратешко партнерство со Грција и Турција и додаде: „Но јас не чувствувам дека Албанија е меѓу два огна.“

Во врска со односите меѓу Турција и Грција и улогата на овие односи за Европа, премиерот Рама истакна: „Верувам дека има апсолутен потенцијал грчко-турските односи да станат односи што се од корист и за Европа, бидејќи Турција е клучна за безбедноста на Европа и Грција е апсолутно клучна за европските граници.“

„Без никакво сомневање можам да кажам дека турскиот претседател не е антигрчка личност или антигрчки политичар и несомнено е дека минатото тука покажало дека кога има волја има и решение“, рече Рама и повика на дијалог.

„Ништо не е лесно, но тоа е апсолутно можно и јас сум 100-процентно убеден дека конструктивните грчко-турски односи можат да бидат додадена вредност за цела Европа“, потенцираше премиерот на Албанија.

Конференцијата во грчката престолнина се одржува во организација на магазинот „Економист“ во соработка со Владата на Грција.

Вчера, за време на престојот во Атина, Рама се состана со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис. Потсетуваме, официјалните преговори меѓу Грција и Албанија, што започнаа во 2018 година, за разграничување на поморските зони се прекинати и сè уште нема конечен договор меѓу земјите.

Anadolu