Ученици од двете средни училишта во Струга, „Нико Нестор“ и „Ибрахим Темо“, денеска им најавија на директорите на училиштата и на општината Струга дека ќе го бојкотираат стартот на учебната година. За тоа да не се случи бараат да им се овозможи настава со физичко присуство. Доставија писма до училиштата и општината.

„Ако кафулињата, рестораните, плажите и ноќните клубови не претставуваат ризик за Владата, како е можно само училиштата, кои можат да ги почитуваат препораките, да претставуваат таков ризик?“

„Ако на први октомври, наставата почне со онлајн, ние ќе бојкотираме со неодење на училиште“, рекоа учениците.

Дополнителен проблем е што многу нивни врсници, велат од средношколскиот совет, немаат услови за следење на настава преку интернет, која и онака не била ефикасна.

„Затоа решивме дека треба да се бојкотира каква било форма на учење преку интернет и да започнеме да протестираме сè додека нашиот глас не стигне до ушите на надлежните тела“, изјави Флори Имери-претседател на средношколски совет во Нико Нестор.

Од „Нико Нестор“ велат ќе направат сè што е во нивна моќ да не дојде до бојкот, а учениците и да ја следат онлајн наставата според насоките на Министерството за образование. Од училиштето додаваат дека практичната настава сепак ќе се реализира со физичко присуство, но само еден до два дена во неделата.

Alsat-M