ИСТАНБУЛ (АА) – Турција издаде уште еден навигациски телекс, Навтекс, за подрачјето од Источен Медитеран каде што ќе спроведува сеизмички истражувања до 4 ноември, јавува Агенција Анадолија (АА).

Според најавата доцна синоќа, мисијата што ќе ја спроведе сеизмичкиот истражувачки брод „Оруч Реис“ продолжува уште 10 дена, почнувајќи од денес.

Навтекс е поморски комуникациски систем кој им овозможува на бродовите да ги информираат другите пловила за нивното присуство во одредена област, како и за приложување други информации.

Бродот „Оруч Реис“ ќе спроведе сеизмички истражувања во Источниот Медитеран заедно со уште два други брода, „Атаман“ и „Џенгиз Хан“.

Тој ќе спроведе разни геолошки, геофизички, хидрографски и океанографски истражувања, особено на континенталниот гребен, како и потрага по природни ресурси.

Во август, Турција продолжи со истражувањата на енергетските ресурси во Источниот Медитеран, откако Грција и Египет потпишаа спорен договор за поморско разграничување, отфлајќи го гестот на добра волја на Турција за запирање на нејзината потрага по ресурси.

Прогласувајќи го грчко-египетскиот договор за ништовен, Турција му наложи на бродот „Оруч Реис“ да продолжи со своите активности во подрачјето во границите на турскиот континентален гребен.

Турција континуирано се спротивставува на напорите на Грција за прогласување ексклузивна економска зона врз база на малите острови во близина на турскиот брег, со што се нарушуваат интересите на Турција, земја со најдолго крајбрежје на Медитеранот.

Анкара, исто така, нагласи дека енергетските ресурси во близина на Кипар мора да бидат поделени праведно помеѓу Турската Република Северен Кипар (ТРСК) и администрацијата на кипарските Грци на Јужен Кипар.