Корона-кризата, еден од позначајните предизвици на 21-виот век, а несомнено глобален предизвик за 2020 година, пандемијата со коронавирусот или уште т.н КОВИД–19, е потенцијална опасност за светот и јавното здравје на граѓаните ширум светот, како се справува егзекутвата со оваа пандемија која стана толку значајна, актуелна и присутна во јавноста?! Вирусот кој потекнува од Кина, познат како Ковид-19 или коронавирусот беше официјално класифициран како пандемија и несомнено има големо влијание врз здравјето на светската популација, статистичките податоци покажуваат дека многу луѓе ја губат битката да преживеат пред да се појави успешна вакцина во масовно производство.

Најпрво, ќе ги разгледам и оние мал милион ставови, поеднични мислења, целосното неформално јавно мислење, медиумска застапеност, и како мас-медиумите го имплементираат предизвикот со Ковид-19, каква е, а со тоа и каква би можела да биде психологијата на толпата.

Коронавирусот или уште т.н Ковид–19, од личен проблем, а и од интерес да се изнајде соодветно решение, во едно подрачје како што беше Вухан, а потоа и на една држава како што стана Кина, од ден на ден стануваше јавен проблем или интерес на глобално ниво, со цел заштита на сопственото, а потоа и на јавното здравје на луѓето.

Доаѓам до еден заклучок, доколку луѓето не чувствуваат дека е во прашање нивниот личен интерес и доколку мислењето не е поддржано со соодветни настани, можеби од психолошки аспект фокусот на популацијата е многу помал. Да се вратам на темата, коронавирусот постои од крајот на месец декември 2019 година, истиот се појавува во Вухан, а потоа се проширува и на целата територија на Кина, со самото известување на Светската здравствена организација (СЗО), за тоа дека Кина се соочува со проблем, непознат нов вирус Ковид-19, истиот постои во јавното мислење, но, интересот во Македонија на таа тема останува во сенка, со тоа што со самото доаѓање во Европа, а потоа и на Балканот, се повеќе и повеќе се става акцент на таа тема, фокусот станува се поголем, а со тоа и целокупното јавно мислење.

Од 26-ти февруари кога практично се појавува и првиот позитивен случај на коронавирусот во Македонија, до ден денес, коронавирусот или Ковид-19 е главна тема како за егзекутивата со цел изнаоѓање на соодветни мерки и препораки за спречување на ширењето на коронавирусот, така и кај медиумите како канал низ кој циркулираат информациите низ различни средства како што се телевизијата, интернетот, социјалните медиуми, весници, списанија и други медиуми.

Во ера на глобализација, масовна дигитализација несомнено се соочуваме со информациски ,,бум”, самото тоа што јавното пренесување и информирање станува се понагласено кај граѓаните, се повеќе и повеќе се формираше и креираше јавното мислење по таа тема во Македонија.

Како што и напоменавме, медиумите многу го помагаат формирањето на, прво поединечното мислење, а потоа и јавното мислење, токму затоа еден од највиталните делови на цивилното општество во демократски контекст се токму медиумите. Ако цивилното општество се земе како комбинација на асоцијации, етнички норми и јавен простор, јасно е дека третата димензија во демократските општества во најголем дел ја окупираат медиумите, улогата на медиумите како главен канал на политичка комуникација во општеството, говори за нивната тежина и важност во функционирањето на едно демократско општество.

Тие се средствата кои допираат до милиони луѓе и остваруваат масовна комуникација, тие се во нашиот секојдневен живот и оставаат влијание врз многу општествени активности, за сето тоа да добие повеќе логика, би ја искористила приликата да го цитирам Ноберт Винер:

,,Дa се живее делотворно, значи да се биде добро информиран”.

Но, што значи добро информиран?! Да се вратам на темата, информацијата како информација сама по себе не е штетна, напротив, во оваа ситуација таа помага при подигнување на свеста кај граѓаните, како да се заштитат себе и другите во општеството.

Но, дали можеби моменталниот медиумски ,,бум” негативно влијае и води кон негрижа за менталното здравје на граѓаните?! Се поставува прашањето како информацијата за енормниот број на новозаболени од коронавирусот, бројот на лицата кои го изгубиле

својот живот поради компликации од Ковид-19, бројот на слободни кревети во ифективните клиники во државата и стравот од тоа како ќе се одговори на предизвикот и дали доколку се заболат ќе им биде пружена соодветната медицинска грижа?! Дали ќе има слободен кревет?! Дали ќе има доволно лекови?! Дали ќе има слободен респиратор?! …итн итн.

Како сето тоа влијае врз менталното здравје на граѓаните?!

Еве на пример, според податоците на Државниот завод за статистика, во Македонија бројот на починати лица од насилна смрт во 2019 година изнесува 454 лица. Но, факт е дека оваа статистика и не е баш актуелна во јавноста.

Или тоа што секоја година кардиоваскуларните болести се причина за 17,3 милиони случаи на прерана смрт, а до 2030 година, се очекува дека 23.6 милиони луѓе ќе го изгубат својот живот од овие заболувања. Ова се проектирани бројки од Светската здравствена организација (СЗО), при што се очекува КВБ да останат водечка причина за смрт во светот.

Порастот на смртност од овие заболувања во последните децении е присутна и во Македонија, болестите на циркуларниот систем учествуваат со 53,5 %, или фактот дека во Македонија во 2016 година од болести од циркуларениот систем починале 10920 лица со стапка на смрност од 526,9 на 100.000 жители.

Веројатно мислејќи на коронавирусот забораваме на други заболувања и проблеми кои можат да бидат поголема опасност за нас отколку коронавирусот, мислејќи на тоа се забораваме себе и ја занемаруваме нашата психа.

Кога сум на таа тема ќе ја споменам и транспарентноста во прикажувањето на смртноста од Ковид-19, со тоа се ,,турка” условно кажано во разни обвинувања за несоодветни политики на владата и министерството за здравство. Но, дали тоа навистина е така?! Еве на пример, ако во сообраќајна несреќа некое лице го загуби својот живот, и доколку после сообраќајната несреќа на тоа лице му биде земен брис и се утврди дека истиот е позитивен на коронавирусот, министерството за здравство тоа лице ќе го вметне во статистиката на починати пациенти од Ковид-19.

И тука се поставува прашањето дали можеби некои пациенти се водат како починати од Ковид-19, иако нивната смрт е настаната од друго заболување?!

Многу е важно како граѓаните ги примаат тие информациите, но, и какво влијание можат да извршат истите?! Голем дел од нашите секојдневни постапки се резултат и се мотивирани токму од овие покренувачи, овие ,,несвесни” елементи кои со висок процент учествуваат во формирањето на психата.

И покрај сето тоа сметам дека граѓаните не смеат да бидат негативни и изолирани, но, мора да бидат свесни, совесни, разумни и одговорни, јас сепак останувам да верувам дека оваа битка еден ден ќе биде добиена, но, се чини дека тој ден ќе се разбудиме со една сосема друга општествена, економска и политичка реалност.

Пишува: Елена Ристеска – дип. политиколог.