Tри дена остануваа за наоѓање решение со Бугарија. Министерот Бујар Османи вели дека нема да се откажат од процесот за приближување на ставовите. Мицкоски рече дека Владата има избор или честитки или ќе и се случи народ. Бугарската влада ја утврди позицијата за преговарачката рамка, но детали нема.

Нема да се откажеме од овој процес до последен миг, вели министерот за надворешни работи, Бујар Османи, за приближувањето на ставовите со Бугарија за интеграцијата на Македонија во ЕУ.

Тој денеска на прес-конференција не откри кои иницијативи се прават или ќе се прават наредните три дена, за да се приближат ставовите. Османи вели дека МНР создало канали за комуникација за бугарската страна, но дека сепак одлуките ги носи државниот врв, Владата заедно со другите чинители. Министерот вели дека постигнале напредок со бугарската страна по 7-8 прашања, што биле сензитивни за едната или за другата страна.

Ќе помогнеше ли Собранието за спорот со Бугарија?

„Решението за надминување на разликите е во враќање на довербата во Договорот за добрососедство“, вели министерот Османи.

Министерот вели дека треба да се остави да се види дали во овие три дена ќе се најде заеднички јазик, но оценува дека никој не може да очекува оти во три дена ќе се надминат разликите што траат со децении меѓу двете држави.

Османи рече дека не може да предвиди што ќе бидат одлуките на Советот за општи работи во вторник. На 17 ноември Советот треба да ја разгледува преговарачката рамка за пристапување на Скопје и Тирана во ЕУ.

Лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, пак, рече дека Владата има избори или да постигне решение со кое ќе се заштитат македонските интереси, по што тој би им честитал на властите, а во спротивно вели на Владата ќе и се случи народ насекаде во државата.

„Овие неколку дена се многу значајни со разговорите со нашиот источниот сосед, а нам искуството со оваа влада ни вели дека мора да се биде претпазливи. Апелирам Владата на Заев како свој прв приоритет нека ги постави заштита на националните и стратешки интереси и да постигне решение не по цена на самоодрекување и бришење, решение кое ќе биде гарантор на нашиот идентитет, јазик и посебност и виза за непречен почеток на преговори со ЕУ“, рече Мицкоски на денешната прес-конференција.

Тој очекува во декември да се случи првата меѓувладина конференција со ЕУ, оти, како што вели, Европа им го должи тоа на македонските граѓани.

СДСМ – Мицкоски е против националните и државни интереси

Владејачката партија преку соопштение, пак, го напаѓа Мицкоски дека е антизападен и антинароден политичар кој сака да ја врати државата назад во изолација и режим. СДСМ преку соопштение вели дека Мицкоски е против националните и државни интереси.
„Народ веќе му се случи на очајниот Христијан Мицкоски, граѓаните веќе трипати ги поразија неговите антидржавни политики“, стои во соопштението на СДСМ.

Бугарската Влада вчера на вонредна седница го утврди ставот за преговарачките рамки за пристапување на Северна Македонија и на Албанија во ЕУ, соопшти владината прес-служба. Но во соопштението не се наведуваат детали за утврдената позиција.

Повеќе на:РСЕ