ПАРИЗ (АА) – Во францускиот главен град Париз се одржаа протести против Предлог-законот за општа безбедност кој го забранува споделувањето снимки од безбедносните сили при нивната работа, на која било платформа, јавува Агенција Анадолија (АА).

Во времето кога во Националниот парламент се разгледуваше Нацрт-законот, илјадници лица се собраа на булеварот „Сен Жермен“ во близина на парламентарната зграда за да протестираат против овој нацрт-закон.

Одвреме-навреме се случуваа судири меѓу француската полиција и демонстрантите меѓу кои имаше правници, медиумски работници и припадници на „жолтите елеци“. Полицијата интервенира со гасни бомби и водени топови.

Надја, една од демонстрантите, во изјава за АА истакна дека живее во една од зоните на Париз кои повеќепати биле изложени на полициско насилство.

„Ние знаеме со што се соочуваме, и за жал, често го доживуваме тоа. Доколку Нацртот помине [во Парламентот], не само што животот на граѓаните ќе биде под ризик, туку во исто време ќе ги погоди и медиумите и медиумските работници кои го откриваат ова насилство“, рече Надја, додавајќи дека затоа овој нацрт-закон не треба да помине во Парламентот.

Надја тврди дека имаат право да ги снимаат полицајците и дека не треба да им се одземе ова право.

„Треба да ги снимиме. Точно е дека вршат одлична работа, но некогаш не можеме да негираме дека се случуваат насилни настани и злоупотреба“, истакна Надја, нагласувајќи дека во случај да им се одземе правото за снимање, тогаш не ќе може да се докаже насилството применувано од страна на безбедносните сили.

„Доколку медиумите нема да можат да ја вршат работата за да нѐ информираат нас, тогаш не можеме да бидеме безбедни. Токму затоа учествував на протестите“, додаде Надја.

Според овој нацрт-закон, безбедносните сили во борбата против тероризмот за време на операциите во градот ќе може да снимаат, а покрај тоа ќе може да користат и дронови.

Anadolu