ЕРУСАЛИМ (АА) – Израелските воени авиони погодија осум позиции на бригадата „Кудс“ при Иранската револуционерна гарда и силите на режимот на Асад, соопшти израелската Армија, пренесува Агенција Анадолија (АА).

„Во нападот се уништени складишта, командни пунктови и воени комплекси, како и батерии на ракетите копно-воздух“, се вели во соопштението.

Во соопштението се вели дека воздушните напади кои започнале од вчера изутрина и завршиле утринава, биле извршени како одговор на експлозивните направи откриени од страна на израелската Армија на границата, кои биле поставени од сириска ќелија која дејствувала под иранска команда.

Портпаролот на израелската Aрмија, Авичај Адрае, на Твитер напиша: „Ние [израелската Aрмија] погодивме осум цели во Сирија, меѓу кои ирански камп кој се користел како седиште на иранските сили во близина на Меѓународниот аеродром во Дамаск.“

„Со нападите се пренесени две јасни пораки: прво, нема да дозволиме продолжување на иранското позиционирање во Сирија воопшто, а особено не на нашите граници, и второ, нема да дозволиме сирискиот режим да замижува на ова позиционирање“, рече Адрае.

Сириската новинска агенција (САНА) цитираше воен извор кој изјави: „Ционистичкиот непријател изврши воздушен напад од окупираната сириска Голанска Висорамнина кон јужниот регион.“

Од почетокот на граѓанската војна во Сирија во 2011 година, Израел изврши неколку напади врз силите на Хезболах и сириската војска, поддржани од Иран, тврдејќи дека одвреме-навреме на неговата територија се истрелувани ракети од Сирија и Голанската Висорамнина.

Anadolu